Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со Волфганг Соботка, претседател на Националниот Парламент на Република Австрија.
Претседателот на австрискиот Парламент, Соботка пренесе на премиерот Заев срдечни поздрави од канцеларот Курц и соопшти дека Австрија продолжува силно да ја поддржува Македонија на евро-интеграцискиот пат, со надеж дека летото 2019 година нашата земја ќе ги започне преговорите со ЕУ. Претседателот на Парламентот на Австрија, Соботка изрази и силна поддршка на процесот во Собранието на Република Македонија за уставните измени и констатираше дека тоа е патот до интеграциите на Македонија во ЕУ и во НАТО. Посочени се како клучни на тој пат добрососедските односи, Договорот што го постигна Македонија со Бугарија, како и Спогодбата со Грција што е во фаза на реализација. Претседателот на Националниот Парламент на Австрија, Соботка додаде дека се видливи напорите на Владата за обезбедување широка поддршка во Собранието за имплементација на Договорот од Преспа и изрази очекување дека дијалогот во Парламентот меѓу претставниците на различните политички групи ќе даде резултат, а во тоа е подготвен да помогне и австрискиот Парламент. Тој го пренесе ставот дека за Австрија, Македонија има значајна, силна, водечка улога во интеграциите на Западен Балкан кон ЕУ, а дека мирна Унија е можна само ако Балканот е дел од Европа. Претседателот Соботка нагласи дека интересот на Европската унија за Западен Балкан нема да заврши со австриското претседателство на ЕУ во декември оваа година, туку тој интерес ќе продолжи како приоритет и на наредните претседателства.
Премиерот Заев се заблагодари за големата поддршка од австрискиот канцелар Курц, од Владата и од Националниот Парламент на Австрија на демократските и интегрциски процеси на Македонија и на економската соработка, со оглед дека Австрија е еден од значајните инвеститори во нашата држава. Претседателот на Владата, Заев, најави дека Република Македонија ќе продолжи да дава причини за принципиелната поддршка од Република Австрија, како за време на австриското претседавање, но и низ традиционално добрите пријателски односи меѓу двете земи.
-Ќе се обидеме заедно со парламентарно мнозинство да го продолжиме дијалогот во Собранието на Република Македонија и да го зголемиме мнозинството што ќе застане зад реализацијата на Договорот од Преспа. Со тоа ќе покажеме дека сме сериозна држава којашто верува во интеграциите во ЕУ и во НАТО и е подготвена за нив, рече премиерот Заев.
Тој посочи дека во следните половина месец, во Собранието ќе се разгледуваат реформите во правосудството, медиумите и УБК и дека и за реформските процеси очекува широка политичка поддршка во Парламентот.
На средбата меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Националниот Парламент на Австрија, Волфганг Соботка се разговараше и за успешната соработка во справувањето со мигрантската криза, за можностите за продлабочување на економската соработка, како и за актуелни регионални прашања, а во функција на регионалната и европската стабилност.