Средба со Заменик Претседателот на Владата и МНР на Р.Словенија, д-р Миро Церар

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Словенија, д-р Миро Церар.

На средбата, двајцата соговорници разговараа за унапредувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија кои ги карактеризира доверба, пријателство и цврсто партнерство, како и за актуелните случувања и предизвици во регионот.

Македонскиот претседател нагласи дека континуираните посети на политичко ниво дополнително ги потврдуваат одличните односи меѓу двете земји и се заблагодари за одличната соработка меѓу двете земји за време на мигрантската криза во 2015 година  и за присуството на словенечката полиција на нашата граница. Претседателот Иванов додаде дека во наредниот период напорите треба да се насочат кон динамизирање и зголемување на економската соработка и трговската размена, преку поттикнување на заедничките инвестиции.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изрази надеж дека долгогодишната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија ќе продоложи и во иднина, со цел отварање на пристапните преговори со ЕУ и членство на Република Македонија во НАТО.

Во однос на политичките случувања во нашата земја, македонскиот претседател истакна дека иако на референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено не го прифати Договорот од Преспа, Собранието на Република Македонија тоа не го зема предвид, при што мнозинството пратеници постапија спротивно на волјата на народот.

Соговорниците разменија мислења и за предизвиците од илегалната миграција, констатирајќи ја потребата досегашната успешна соработка да продолжи и во иднина со цел поголема регионална стабилност и безбедност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*