Состанок со Делегацијата од COWEB/COELA од Европската Унија

МНР Никола Димитров, денес, беше домаќин на средба, организирана во рамки на посетата на Република Македонија, на делегација од составот COWEB (за Западен Балкан)/COELA (за проширување) од Европската унија, под покровителство на Делегацијата на ЕУ во Скопје и Австриското претседателство со ЕУ. Претставници од министерствата за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, на ниво на Директори за ЕУ и Западен Балкан, се во посета на земјата со цел размена на мислења за тековните достигнувања во контекст на евроинтеграциите. На состанокот, како соговорници, присуствуваа и ЗПВРМ за европски прашања Бујар Османи, ЗПВРМ и МВР Оливер Спасовски и МИОА Дамјан Манчевски.

 Министерот Димитров во своето обраќање пред гостите се осврна на тековниот развој на внатрешните  состојби во земјата, за пост-референдумските прашања, за континуираниот развој на активностите и генералните очекувања и потребата од понатамошна поддршка од земјите-членки на патот на Република Македонија кон ЕУ. МНР Димитров: „Крупни и храбри чекори треба да се преземаат за да се добијат видливи резултати, кои треба да нè доближат до вредностите и стандардите кои ги уживаат граѓаните на ЕУ. Тоа е патот по кој тргна оваа Влада, пат кој успешно ќе се изоди преку понатамошно спроведување на домашните реформи, како и преку негување и унапредување на добрососедските односи. Пред да стигнеме во Европа, целта ни е да станеме она што е Европа. Само така патот ќе биде пократок и побезбеден.

 Во рамките на состанокот, воведно обраќање имаше и Вицепремиерот за европски прашања, и главен преговарач со ЕУ, Бујар Османи: „Кон крајот на минатиот месец ја имавме првата конференција од објаснувачкиот скрининг, со отворање на поглавјето 23, која заврши исклучително успешно и со која и формално го започнавме нашиот пат до преговорите – јуни 2019“ изјави Османи во рамките на своето обраќање, посочувајќи на подготовките и во периодот што претстои, во кој над илјада луѓе, во низ период од околу 70 работни денови, ќе го посетат Брисел каде ќе се подготвуваат за втората фаза – преговорите.

 ЗПВРМ и МВР Спасовски и МИОА Манчевски имаа свое излагање за клучните постигнувања во областите за кои се надлежни, како и за досегашните и идните конкретни чекори во активностите поврзани со пристапувањето на Република Македонија во ЕУ.

 ЗПВРМ и МВР Спасовски:Во транспарентна постапка со информирање и консултација на стручната и пошироката јавност, донесен е пакетот закони неопходни за реформа на системот за следењето на комуникациите: Закон за следење на комуникациите; Закон за Оперативно техничката агенција (ОТА); Закон за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации и Закон за измени и дополнување на Законот за класифицирани информации. Во постапка пред Собранието на Република Македонија е Законот за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка. Во новите законски решенија во целост се инкорпорирани препораките на групата високи експерти во областа на владеење на правото, предводени од Р. Прибе. ОТА ќе се формира на посебна локација, надвор од МВР и истата ќе биде воспоставена до 1.11. 2018 година. Владата на Република Македонија на 9.10.2018 год. донесе Одлука за формирање на Меѓуресорската работна група која треба да предложи модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување. Врз основа на извршените SWOT анализи наведената Меѓуресорска работна група треба до 15 Ноември да и предложи на Владата – Модел за рефома на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување.

 МИОА Манчевски: „Со поддршка од СИГМА, МИОА разви концепт за Висока административна служба, кој ги образложува опсегот, правниот статус и мандатот, селекцијата и регрутирањето, обуката и развојот, управувањето со ефикасноста, Комисијата за селекција, правната постапката за основање и преодниот период за сегашните јавни службеници кои би биле дел од идната повисока државна служба. Врз основа на овој концепт, ќе се изработи нов, посебен закон, кој има за цел да ја професионализира Високата раководна служба.“

 Претставниците од земјите-членки на ЕУ покажаа интерес за текот на реформските процеси и дадоа поддршка кон натамошните чекори во евроинтеграциите на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*