Премиерот Заев: Посилен Предизвик за Економски Развој на Македонија од Членство во ЕУ и НАТО не Постои

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска имаа свои воведни обраќања на научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“ во организација на Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Владата на Република Македонија, Народна банка на Македонија и Стопанска комора на Македонија. Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од воспоставување на нашата независност до денес претставува јадрото на македонската интелигенција која низ годините ги поставува правците и насоките за економски и политички развој на Република Македонија. Оваа научна институција преку широкиот спектар на економски научни анализи долги години учествува во креирањето на економски политики.

Граѓаните на Република Македонија очекуваат МАНУ како еден од столбовите на државноста и понатаму да биде генератор на развојни и напредни идеи и силен поддржувач на економскиот прогрес и напредок на земјата.

На мое огромно задоволство денеска ја имам честа заедно со Претседателот на МАНУ, Таки Фити, Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески и вицепремиерот Анѓушев да означиме отпочнување на дводневната научна конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“.

Оваа научна конференција се случува во еден од најклучните моменти на одговорност пред кој сме исправени сите.

Од тие причини оваа научна конференција нека биде уште посилен поттик да ги впрегнеме сите научни потенцијали и политички сили конечно да и го овозможиме заслуженото место на Република Македонија како 30-та земја членка на најмоќниот воен сојуз НАТО, а потоа да работиме и за полноправно членство на земјата во најсилната економска заедница, Европската Унија.

Посилен предизвик за економски развој на Македонија од членството на земјата во ЕУ и НАТО НЕ ПОСТОИ!

Овој историски момент е исклучително важен бидејќи со поканата за членство на земјата во НАТО, со започнатиот процес на преговори со ЕУ и со примената на новите економски политики перформансите на економијата започнаа значително да се подобруваат и да покажуваат стабилизација и раст.

Во вториот квартал на 2018 годинa имаме раст на БДП од 3.1%. Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок

И покрај падот што го бележи градежништвото, растот на БДП од 3.1% покажува дека економијата е раздвижена како резултат на зголемената извозна и инвестициска активност на стопанството, растот на земјоделството, на индустриското производство.

Економските параметри во тој дел се исклучително поволни.

Имаме раст на индустриското производство од 5 % во периодот јануари – август 2018 година во споредба со истиот период во 2017 и зголемување на бројот на работници во индустријата за 7.2 % во истиот тој период.

Извозот бележи раст од 14.5% во периодот од јануари – јули 2018 во споредба со истиот период лани.

Странските директни инвестиции во првото полугодие изнесуваат 327 милиони евра што е за 218 % повеќе од просекот во последните три години и апсолутно најмногу во последните три години.

Новата индустриска политика – Планот за економски раст ги дава своите првични позитивни ефекти врз економијата. За прв пат ги изедначивме условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори и пуштивме во оптег околу 30 милиони евра како директна поддршка за стопанството и за процесот на индустријализација.

И другите перформанси на економијата се одлични и покажуваат раст.

Во првото полугодие од 2018 имаме зголемена наплатата на даноци за 8% во споредба со истиот период минатата година или тоа во апсолутни бројки изнесува 66 милиони евра повеќе приливи во буџетот по овој основ.

Повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навремено и неселективно. Од почетокот на годината заклучно со август во стопанството по овој основ вратени се вкупно 250 милиони евра.

Тоа е силен поттик за приватниот сектор како главен двигател на економијата.

Потврда дека економијата се движи во вистински правец покажуваат податоци за намалување на невработеноста и постојаниот пораст на просешната плата.

Намалена е стапката на невработеност на 21.1% што е историски најниско ниво досега. Во првото полугодие во 2018 се реализирале 10.000 нови вработувања на наши граѓани што дополнително го забрзува растот.

Просечната плата бележи постојан пораст. Во месец јуни 2018 година исплатена е за 6.1 процент повисока просечна плата во споредба со истиот период лани.

Во сенка на референдумското изјаснување остана објавата на еден податок од ДЗС кој посебно ме радува. Во првото полугодие на 2018 година, во Република Македонија просечната малопродажна цена на електричната енергија за домаќинствата се намалила за 4 % во споредба со второто полугодие на 2017 година.

Сите овие позитивни економски резултати покажуваат дека економијата веќе чекори по вистинскиот пат.

За да го продолжиме тој позитивен тренд неопходно е да ја осигураме евро-атлантската перспектива на земјата. Потребна ни е стабилизацијата на политичките процеси и влез на земјата во најмоќниот воен сојуз НАТО како и отпочнување на преговори за влез во најмоќната економска заедница ЕУ.

Тоа е најсилна гаранција дека економскиот развој ќе продолжи со забрзано темпо.

Факт е дека новите земји членки бележат поголем економски раст и побрзо се доближуваат до животниот стандард на земјите членки на Европската Унија. Исто така, имаат подобрена деловна клима, поголем пораст на продуктивноста на трудот, забрзан напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, забрзан извоз и подобрена институционална демократија.

Во перспектива нашата економија треба да генерира многу повисоки стапки на раст од досегашните. И тие стапки мора да бидат со стабилен и предвидлив раст. Ваквите стабилни и растечки стапки на БДП се потребни за да можат граѓаните да почувствуваат директен ефект – подобрување на животниот стандард. Затоа потребно е да размислуваме во правец на креирање долгорочна стратегија за економски развој на земјата.

Нашата економија мора да зачекори рамо до рамо со европските економии. Да биде конкурентна, предвидлива, стабилна и регионално интегрирана.

За да го постигнеме тоа никако не смееме да ја испуштиме шансата којашто ни е на дофат. Анализите покажуваат дека финансиската помош на некои од земјите по членството во ЕУ се зголемила за десет пати. Како пример ќе ја наведам, Република Хрватска која во периодот 2007-2014 пред да стане членка на ЕУ користела околу 858 милиони евра од европските фондови. Во периодот 2014-2020 кога Хрватска веќе е членка на ЕУ финансиската помош расте скоро за 13 пати и изнесува 10.74 милијарди евра.

Република Македонија мора да го искористи тој голем потенцијал за развој. Не можеме да си дозволиме да ја испуштиме оваа историска шанса.

Кога ќе погледнеме напред во иднината сакам сите да ја видиме нашата земја како чекори напред на економски план. Примената на новите технологии, модернизацијата и ревитализацијата на произвдоството, компании извозно ориентирани, професионална институционална инфраструктура која го опслужува бизнисот и граѓаните, квалитетен образовен систем кој продуцира кадри според потребите на пазарот на трудот, квалитетна патничка, железничка и енергетска инфраструктура, европски квалитет на живот за сите граѓани на Република Македонија…Верувам дека со заедничка волја, работа и труд тоа може да биде нашето секојдневие.

Моето обраќање пред вас денеска почитувани академици, универзитетски професори и почитувани гости ќе го завршам со зборовите на познатиот физичар Едвард Телер кој рекол дека „Науката денес ја претставува технологијата утре“.

Тоа е нашата цел. Развојот е возможен и треба да биде наше секојдневие. Поддршката на научната работа и образованите реформи се силни политички определби на Владата на Република Македонија и заедно со сите реформски процеси и економски политики треба да вродат со развој и употреба на нови технологии како нова додадена вредност во економијата.

Во тој дух сакам да охрабрам плодна дискусија денес и утре на научната конференција –Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија.

Мое искрено очекување е дека научните трудови, анализи, факти, насоки и правци што ќе произлезат од оваа конференција ќе бидат силен инпут во понатамошното креирање на развојни економски политики.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*