Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и Заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска одржаа прес-конференција по повод резултатите од референдумот, како и за пораките што ги испорачаа граѓаните со резултатите од гласањето.
Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, пред бројните домашни и странски новинари, истакна дека граѓаните на Република Македонија вчера излегоа на историски референдум на кој повеќе од 91% избраа „ЗА“ и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ.
“Дури и во случај на поголема излезност, дури и ако имаше 1,1 милион излезени гласачи, овој резултат од над 600.000 граѓани кои гласале ЗА, ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна определба ЗА европска Македонија. Политичката идеја Европска Македонија доби повеќе гласови ЗА од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Одлучија гласовите на тие што гласаа. Граѓаните што гласаа презедоа одговорност“, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска.
Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека граѓаните на референдумот излегоа по сопствена волја, и дека нивниот глас и гласот на секој граѓанин одделно, денеска е сериозен влог. Гласот на граѓаните е јасен повик: сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел, рече Шекеринска и истакна:
„Сега останува на пратениците да ја прифатат пораката од резултатот од референдумот и да го следат гласот на мнозинството и мнозински изразената волја за европска Македонија за да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ за подобра иднина. Сите одговорни лидери, секој пратеник, треба да се отповикаат на јасната порака на граѓаните на референдумот и да се обединат за да ја одведеме нашата земја таму каде што припаѓа – во ЕУ и во НАТО“, истакна министерката за одбрана и вицепремиер во Владата на РМ Радмила Шекеринска.
Во своето обраќање пред новинарите Шекеринска потенцираше дека сега е време националните интереси, интересите на граѓаните и стратешките интереси на државата да се стават над поединечните и над партиските интереси. Таа додаде дека сите сериозни политички лидери се свесни дека подобар договор со Република Грција нема и не може да има, и дека секое одлагање на историската одлука за прифаќање на договорот ќе не фрли во вителот на неизвесност и немир.
„Да не си играме со нашата иднина и со државата. Ова прашање е поголемо од секој од нас и од нашите политички партии. Ова е времето кога заедништвото на политичките претставници е најпотребно за Македонија. Во спротивно, единствената друга демократска алатка која преостанува се предвремени парламентарни избори – веднаш!“
Вицепремиерот Бујар Османи, задолжен за европски прашања, своето внимание го задржа на легитимитетот на референдумскиот резултат, кој како силна политички изразена волја на граѓаните, вчерашниот ден го направи историски.
Остварената излезност, и плебисцитарната одлука за поддршка на референдумското прашање од вкупниот број на излезените гласачи им дава легитимитет и на институциите да продолжат со имплементација на меѓународниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција со што се овозможува финализирање на нашето членство во ЕУ и НАТО, што за граѓаните значи подобар живот, во безбедна заедница на најмоќните држави во Европа и во светот.
„Одлуката на граѓаните на вчерашниот референдум значи дека граѓаните гласаа за подобар живот и за целосна имплементација од придобивките од договорот. Граѓаните гласаа за таа опција зашто на спротивната страна им се заканува опцијата полна со ризици за иднината, за нестабилност и за непредвидливост за економскиот развој, за странските инвестиции и за планирањето на иднината, особено за иднината на младите“, потенцираше вицепремиерот задолжен за европски прашања Османи.
Тој додаде дека вчерашните резултати со огромно мнозинство „За“, обврзува нивната волја да биде преточена со членство во ЕУ и НАТО.
„Единствениот инструмент кој мери дали сте за ЕУ и НАТО е референдумот со гласачите што излегоа на гласачките места и што го дадоа својот глас. Само оние што гласаа. Граѓаните да бидат горди на таа одлука, а пратениците во Собранието на РМ сега треба да ја преземат одговорноста да ја материјализира одлуката на граѓаните и да го започнат процесот на уставни промени за да се реализира договорот со Република Грција.
„Очекуваме пратениците да ја прифатат одговорноста, нивната лична, но и одговорноста што произлегува од историскиот момент за нашата земја. Да ја прифатат одлуката на граѓаните и да одлучат дали ја сакаат нашата земја во ЕУ и НАТО, или сакаат таа да остане во изолација. Оваа одлука секоја пратеник сам треба да ја донесе во наредните денови. Таа одлука не е на некој друг, или на партијата.
Вицепремиерот Османи истакна дека владината коалиција останува докрај на оваа можност и ќе ги искористи сите можности Собранието на РМ да го заврши овој процес.
„Сега е време за носење големи одлуки. Имаме ограничен временски период, и доколку пратениците не ја прифатат одговорноста да ја спроведат волјата на граѓаните изразена со референдумскиот резултат, остануваат другите алтернативи“, рече вицепремиерот Бујар Османи, задолжен за европски прашања, на заедничката прес конференција со Заменик претседателката во Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.