Премиерот Заев: Повеќе од 90% од гласовите се ЗА, пратениците имаат обврска да ја обезбедат иднината на Македонија

Почитувани граѓани на Република Македонија!

Денес е важен ден за нашата држава и за нашите граѓани.

Граѓаните достоинствено гласаа и со својот мнозински глас порачаа дека нашиот пат и нашата светла иднина се во НАТО и во Европската Унија.

На овој референдум македонските граѓани ја докажаа својата демократска зрелост. Одлуката што ја донесоа денеска не беше лесна. Но, таа мораше да биде донесена денеска.

Имаше многу дискусии во изминатите месеци – на политичката сцена, во медиумите, меѓу пријателите, во семејствата.

И конечно, секој граѓанин донесе своја, сопствена одлука. Тоа е вредноста на демократијата. Ова е прилика да им се заблагодарам на сите граѓани што гласаа поединечно, и на тие што гласаа ЗА и на тие што гласаа ПРОТИВ, бидејќи тие презедоа одговорност. Одлучија гласовите на тие што гласаа.

Упатувам благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои и покрај бојкотот што го заговараше раководството на таа партија, презедоа одговорност за својата татковина, излегоа и гласаа на референдумот по сопствена волја. Нивниот глас и гласот на секој граѓанин денеска е сериозен влог, вградена тула во иднината на нашата Македонија.

Почитувани,

На референдумот денеска гласаа повеќе од 650.000 граѓани. Од граѓаните кои гласаа, повеќе од 90% избраа „ЗА“и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ.

Европска Македонија доби повеќе гласови ЗА од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија.

И еве еден едноставен пример:

Дури и ако имаше цензус, дури и ако имаше 1,1 милион излезени гласачи, овој резултат од речиси 600.000 граѓани кои гласале ЗА, ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна определба ЗА европска Македонија.

Народот направи многу важен избор. Граѓаните кажаа големо ЗА со кое поддржаа едно прашање, една визија, и една цел за иднината за нашата земја.

Почитувани,

Сега, кога имаме мнозинска изразаена волја ЗА европска Македонија, време е пратениците во Собранието на Република Македонија, да го следат гласот на мнозинството со цел да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и да обезбедиме подобра иднина.

Гласот на граѓаните е јасен повик: сите политички партии да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел.

Како премиер на оваа горда европска Македонија, ги повикувам сите одговорни лидери, секој пратеник, да се обединиме и да ја одведеме нашата земја таму каде што припаѓа – во ЕУ и во НАТО.

Знам јас, знае и опозицијата: Подобар договор со Република Грција нема и не може да има. Алтернатива за членството во НАТО и ЕУ  за Македонија нема, и не може да има.

Да не си играме играчки со нашата иднина и со нашата Македонија!

Упатувам и моја, лична покана до секој член на македонскиот парламент:

Да ги ставиме националните интереси, интересите на граѓаните и стратешките интереси на државата НАД политиката и НАД партиските интереси. Националните интереси се над сѐ, и пред сѐ. Ова прашање е поголемо од секој од нас и од нашите политички партии.  Ова е времето кога заедништвото на политичките претставници е најпотребно за Македонија.

Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин.

Во спротивно, единствената друга демократска алатка која преостанува се предвремени парламентарни избори – веднаш!

Почитувани пратеници, време е да ја поддржиме европска Македонија, време е да пишуваме историја заедно!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*