Османи и Маричиќ на Прес-конференција: Идната недела започнува подготвителната фаза од пристапните преговори во седиштето на Европската унија, објавуваме повик за пријавување на заинтересирани експерти кои ќе се вклучат во процесот

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи и посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Македонија и главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ, денеска одржаа прес конференција на која информираа за отпочнување на објаснувачкиот скрининг од страна на Европската комисија и објавија јавен повик за пријавување на заинтересирани лица, надворешни експерти кои можат да помогнат во процесот на објаснувачкиот скрининг и процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон ЕУ.

Заменик претседателот на Владата и д-р Османи информираше дека од четврток, 27 септември заедно со м-р Маричиќ ќе ја предводат владино – државната делегација, составена од над 40 експерти во Брисел, директно во Европската комисија, каде ќе започне таканаречениот објаснувачки скрининг.

„Од страна на Европската комисија ќе биде презентирано првото поглавје од преговорите за правосудство и фундаментални права – поглавјето 23, со што и формално започнува скрининг процесот, како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија“, информираше Османи кој истакна дека тоа претставува исклучително важен настан, пресвртна точка, со која Македонија и формално го започнува последниот дел од патот кон полноправно членство во Унијата, за што долги години се подготвувавме.

Дел од преговарачката структура се поединци од правосудниот и безбедносниот сегмент, но и од ресорите на Министерствата за внатрешни работи, труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, претставници на Секретаријатот за европски прашања.

„Ова е почеток на овој процес, каде го отвораме само првото поглавје, од 33, кои ќе следат набргу. Тоа значи дека во наредниот период, само во делот на првата фаза, т.е. фазата на објаснувачкиот скрининг, ќе има 33 вакви големи делегации кои ќе го посетат Брисел, со што над илјада луѓе ќе земат учество во објаснувачкиот скрининг и ќе се подготвуваат за втората фаза – билатералниот скрининг, кој е пообемен и покомплексен процес“, потенцираше Османи.

Тој, додаде, дека тоа е сериозен предизвик за Република Македонија, но и можност да покажеме колку, како земја сме подготвени да се справиме со предизвикот за усогласување со стандардите и вредностите на ЕУ.

Османи, заедно со својот заменик и главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ, информираше, дека од денеска, на страницата на Владата на РМ  http://vlada.mk/?q=node/15727, како и на страницата на Секретаријатот за европски прашања http://www.sep.gov.mk/data/file/Dokumenti/EU-Pregovori_Povici_2009_MKD.pdf на македонски и албански јазик е објавен јавен повик за вклучување на секој заинтересиран, кој смета дека може да придонесе во оваа фаза, да биде дел од преговарачкиот процес  да се пријави и да стане дел од базата на податоци за надворешни експерти, кои ќе можат да бидат повикани да се вклучат во процесот на скрининг и преговори.

М-р Бојан Маричиќ, во своето обраќање пред медиумите подетално информираше за Јавниот повик за пријавување на сите заинтересирани лица за создавање на регистар на надворешни експерти кои можат да помогнат во процесот на објаснувачки скрининг и процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон ЕУ, објавен од Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања.

„Процесот на преговори за пристапување на Република Македонија кон Европската Унија е комплексен процес на целокупна трансформација на општеството и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. За да биде овој процес успешен и ефикасен, неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители во општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата“, додаде Маричиќ.

Упатувајќи повик до сите заинтересирани лица да се пријават со доставување на работна биографија (ЦВ) и писмо за мотивација, со точно наведено поглавје, односно подрачје, темите и поттемите во рамки на поглавјата од правото на ЕУ, за кои заинтересираното лице поседува експертиза, Маричиќ информираше дека документите треба да бидат доставени на македонски јазик и англиски јазик, односно албански јазик и англиски јазик по електронски пат на адресата: eupregovori@vlada.gov.mk, најдоцна до 10 октомври 2018 година, до 20 часот.

Маричиќ објасни дека повикот не е замена за организирано вклучување на граѓанскиот сектор во преговорите и објасни дека моделот за вклученост на граѓанскиот сектор, заедно со бизнис заедницата и академската заедница, како и синдикатите, ќе се дефинира во партнерство со Владата во наредниот период.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*