Пендаровски и Робертсон на граѓанска трибина во Битола: Гласањето на рефереднумот е императив, време е за Македонија, да биде дел од ЕУ и НАТО

Националниот координатор за НАТО и поранешниот генерален секретар на Северноатлантската алијанса, Џорџ Робертсон, кој е лидер на новоформираната неформална „Група Охрид“ за поддршка на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ, вечерва учествуваа на трибина со граѓаните на Битола.

На трибината, говорниците се осврнаа на придобивките од членството во НАТО и ЕУ, пpитоа ставајќи посебен акцент на информирањето за бенефитите кои ќе ги има Македонија како дел од европската заедница и НАТО.

Националниот координатор Пендаровски зборуваше за историската шанса за целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, што е остварување на децениските државни и национални интереси и го акцентираше обезбедувањето на македонскиот идентитет.

-Живееме во време на лажни вести, во време на една стара политичка пропаганда која не убедува дека на 30 септември, нема да гласаме за тоа што сите мислиме дека треба да гласаме, дека прашањето не е такво какво што е поставено, туку дека наводно се крие некаква друга злокобна агенда за македонскиот народ и за граѓаните и за државата во целина. Еве сме да ја кажеме вистината која ја кажувавме неколку пати досега. Договорот го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебноста и ја обезбедува иднинта, рече Пендаровски објаснувајќи дека Договорот со Грција е реален и го гарантира македонскиот идентитет и јазик.

Лажни се вестите, дека Македонија ќе влезе во војна и ќе се распадне, подвлекувајќи дека напротив со влегувањето во сојуз со НАТО, земјата ќе обезбеди стабилност, просперитет и услови за европска иднина за младите, додаде тој.

Пендаровски посебно им се обрати на младите, кои како иднина на државата, знаат кој е просперитетот од влегувањето во ЕУ и НАТО, но мора да излезат и да гласаат.

Пендровски додаде дека референдумот на 30 септември е со идентична важност и еднаква историска тежина како референдумот за независност од 8 септември 1991 година и затоа треба масовно да се излезе и да се гласа ЗА интеграција во ЕУ и НАТО и за навек да се утврди македонската државност во целиот свет.

Сер Робертсон, кој беше десеттиот Генерален секретар на НАТО во периодот од 1999 до 2004 година истакна дека излегувањето на гласање на престојниот референдум е исклучително важно затоа што  станува збор за прашање за иднината на земјата.

Моите внуци би рекле дека вие сте на десет преспивања до најисторискиот чекор, до најважниот чекор во историјата, рече Робертсон обраќајќи им се на граѓаните на трибината, подвлекувајќи дека на референдумот граѓаните ќе гласаат за својата иднина.

-Би било погрешно да ви кажуваме како да гласате, меѓутоа гласањето е најголем импратив во моментот. Има една изрека која вели „Ако не гласаш, сам кажуваш дека немаш право на мислење, порача лорд Робертсон додавајќи дека тој длабоко ја сака Македонија и е инволвиран долго време помагајќи и во исполнување на  евроатлантските аспирации.

Тој истакна дека кога беше на функцијата генерален секретар, земјата се нарекуваше ФИРОМ и порача дека е време тоа да престане и земјата да оди напред кон европската иднина и НАТО,  сега кога вратите и се отворени.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, заблагодарувајќи се на присуството на лорд Робертсон, се осврна на проблемот кој Битола го има со иселувањето и додаде дека референдумот е шанса младите и нивните родители и роднини да ја донесат одлуката за отворање на посветла иднина и подобар живот во Македонија.

„Затоа, да кажеме да. Вие не гледате како дел од европското семејство како дел од светскот семејство, ви благодарме за тоа и ја прифаќаме подадената рака“, порача градоначалничката Петровска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*