Заев: Воведуваме европски стандарди на социјална заштита, бидејќи Европа значи солидарност, социјална правда и достоинствени услови за живот за сите

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска го презентираше пакетот на реформи во системот на социјална и детска заштита.

Истакнувајќи дека, нај благодарен чин е некому безрезервно да помагаш, Премиерот Заев на денешната прес – конференција посочи дека Владата е посветена на остварување на врвните приоритети, да обезбеди достоинствени услови за живот за граѓаните. Во своето обраќање пред медиумите, Премиерот Заев меѓу другото рече:

„Пред се, ја реформираме и ја надградуваме социјалната парична помош и воведуваме МИНИМАЛЕН ГАРАНТИРАН ПРИХОД. Целта е да го усогласиме паричниот надоместок кој го дава државата, со потребите на граѓаните и да им помогнеме побрзо и полесно да излезат од сиромаштијата.

Граѓаните во Република Македонија, коишто живеат во социјален ризик ќе добиваат износ којшто сметаме дека ќе биде доволен за да ги задоволат основните потреби. Сега, со постоечкото право на социјална парична помош ова не секогаш беше случај.

Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700-тини денари.

За повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош зголемувањето е повеќе од 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале.

 

Почитувани,

 

Воспоставуваме систем на социјална заштита којшто ќе обезбеди достоинствен живот за семејствата кои живеат во сиромаштија, но и ќе значи поддршка за нивно извлекување од сиромаштијата. На пример го олеснуваме пристапот до детскиот додаток, но и ја зголемуваме сумата што по овој основ ќе ја добива едно семејство.

 

Со реформата на системот за социјална и детска заштита воведуваме и нови додатоци за поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и деца на домаќинства со ниски примања.

Со ова, остваруваме уште еден од најголемите приоритети во работењето на Владата на Република Македонија – намалување на  детската сиромаштија. А го правиме тоа бидејќи секое дете ни е подеднакво важно. Ако ја осигуриме нивната иднина, ќе ја осигуриме и иднината на Република Македонија.

Но реформата на системот на социјална и детска заштита, секако не подразбира само дополнителни средства за ранливите категории на граѓани.

На овие наши сограѓани паралелно ќе им обезбедиме и поддршка за комплетирање на нивното образование и стекнување на вештини, за бидат конкурентни на пазарот на трудот. Што значи државата се фокусира комплетно, брзо да им најде работа и да ги подготви за лесно наоѓање на работа.

Покрај зајакнувањето на постојните социјални услуги и нивно натамошно приближување до крајните корисници, ќе развиваме и нови видови на услуги. Ќе се зајакнат капацитетите на локалната самоуправа, а во обезбедувањето и испорака на услугите во заедницата, ќе бидат вклучени и здруженијата на граѓани, физички лица и секако приватниот сектор.

 

Почитувани,

Воведуваме европски стандарди на социјална заштита. Европа, почитувани значи солидарност и социјална правда. Колку повеќе се доближуваме до Европската Унија, поддршката за социјална заштита постојано расте.

Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани – реформа на системот на социјална заштита, унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секаков вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество.

Мене ми е драго што денеска споделуваме ваква информација со граѓаните заради тоа што ова ќе ја направи Македонија посолидарна и почувствителна земја во која што граѓаните подеднакво ќе си ја сакаат својата држава, Република Македонија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*