Средба на Министерот за надворешни работи Димитров со Министерот за Надворешни Работи на Холандија, Стеф Блок

Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров денес оствари средба со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Стеф Блок, кој престојуваше во возвратна посета на нашата земја.

Ова претставува четврта билатерална средба на министери за надворешни работи на Република Македонија и Кралството Холандија за период од 15 месеци, што претставува потврда за зголемениот интензитет на политичкиот дијалог меѓу двете земји.

На средбата беа разменети мислења за најновиот развој на внатрешно политичките состојби во Република Македонија, реформската ЕУ и НАТО агенда, регионалната соработка, како и за подготвителните активности поврзани со референдумот на 30 септември.

Министерот Димитров изрази благодарност за континуираната билатерална помош и поддршка од Холандија за реформа на јавната администрација и приближување кон европското законодавство, а во насока на реализација на стратешките приоритети на нашата земја. Континуираната поддршка од Холандија, земја која е витална и просперитетна европска демократија, за Македонија е од исклучително значење – истакна министерот Димитров.

Холандски министер Блок го поздрави постигнатиот напредок во текот на изминатата година во делот на реформската агенда за приближување на Република Македонија кон ЕУ и НАТО, посебно акцентирајќи го значењето од постигнатиот Договорот со Грција. Министерот Блок истакна дека исходот од претстојниот референдум и постигнувањето видливи резултати во домашните реформи се исклучително важни за непречено приближување на Република Македонија кон Европската Унија и ефектуирање на поканата за членство во НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*