Ова е историски момент за Македонија, затоа што граѓаните со својот глас „за“ на референдумот на 30 септември ќе донесат историска одлука за влез на нашата држава во НАТО и Европската унија, рече вечерва министерот за внатрешни работи и заменик на претседателот на владата Оливер Спасовски на средбата со граѓаните во велешко Оризари.
-Придобивките се огромни од членството во НАТО и ЕУ. Тука нема дилеми. Загарантирана е безбедноста, загарантирани се границите, а огромни се и бенефитите за економијата. Сега Македонија дневно добива по 260.000 евра дневно како помош од Европската Унија. Таа помош ќе расте со нашиот напредок кон Европската унија- рече Спасовски.
Членството во НАТО и ЕУ носи повисоки приходи за граѓаните, повеќе инвестиции и работни места, поголем пазар за фирмите, рече Спасовски. Тој ги посочи како пример земјите од регионот како Хрватска, Романија… кои станаа членки на НАТО и ЕУ и веќе ги чувствуваат бенефитите од тоа.
-Инвестициите значително пораснаa, а невработенoста се намали во сите земји од регионот кои станаа членки на НАТО. Со нашиот влез во НАТО и приближувањето кон ЕУ ќе се зголемат фондовите кои ЕУ ги вложува во нашата инфраструктура. Ќе се градат уште повеќе нови патишта, водоводи, канализации, училишта, за подобро утре на нашите деца- рече Спасовски.
Просечната плата во Бугарија е зголемена двојно во однос на 2007 година. Невработеноста од 17.2% во 2007, денес е 5.3%. Во Романија просечна плата од 1025 леи во 2007 година порасна на 4527 леи во 2018 година. Невработеноста од 15.6% во 2007, денес е 4.3%.
Министерот Спасовски оствари средба и со граѓаните на Бузалково и ги повика на 30 септември масовно да излезат на гласање.
-На овој референдум одлучувате за вас, но и за иднината на вашите деца. Затоа сум убеден дека на 30 септември ќе излеземе масовно на гласање и ќе донесеме одлука за подобра иднина. Македонија чекори по патот кон ЕУ и НАТО и тука нема запирање- рече Спасовски.