Премиерот Заев од Пехчево: Да излеземе масовно на 30 септември, на сите да им покажеме дека си ја сакаме нашата Македонија, дека сме ЗА европска Македонија, 03.09.2018  

„Убеден сум дека референдумот во Македонија ќе успее но сакам бројките да бидат државнички, онака како што личи на зрел, свесен народ, за својата земја и за иднината на својата земја“, рече Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев пред граѓаните на Пехччево.

Потенцирајќи дека и на референдумот на 8 септември во 1991-вата година, граѓаните на Република Македонија биле исправени пред голем предизвик, Премиерот Заев посочи дека како резултат на нивната храброст која ја покажале пред 27 години, сега ја имаме нашата Република Македонија.

„Убеден сум дека нашиот народ ќе ја препознае оваа шанса којашто е непропустлива, историска шанса. Да ја зграпчи, за да обезбедиме перспективи за децата. Јас ве уверувам дека сите ќе бидеме горди како што сме денеска горди на независноста на референдумот 91, ќе бидеме горди и овде обезбедувајќи и ја осигурувајќи ја иднината на оваа нашата Македонија

Поважен е од било кои избори. Овде не се работи за СДСМ, за ВМРО, за албански партии, за македонски. Не. Ова не се избори. Ова е нешто за коешто секој граѓанин, родољубец, што си ја сака татковината и што се декларира како  искрен патриот е должен да излезе и да гласа. Има право да гласа секој како сака, но секој е должен да излезе, да гласа“, потенцираше Премиерот и претседател на СДСМ, Заев.

„Поради охрабреноста за идните перспективи на државата бројот и вкупниот обем на странските инвестиции расте. Овие денови се објави дека само во првото полугодие имаме 325 милиони евра странски инвестиции. Сите тие странски инвестиции отвораат нови работни места во државата. Отворањето на нови работни места, прават притисок за поголема потреба од вработување во тие приватни инвестиции. Правејќи вака притисок, ќе плаќаат поголеми плати за да ги добијат граѓаните да работат токму во тие фирми“, додаде Премиерот Заев.

Тој пред жителите на Пехчево кажа дека како што Блаже Конески рекол: Нашиот јазик е татковината, така и понатаму македонскиот јазик секогаш ќе биде македонски, македонскиот идентитет секогаш ќе биде македонски.

Градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски пред своите сограѓани истакна дека овој град е фокусиран на иднината, на европска Македонија, бидејќи Пехчево тргна напред и може многу посилно да се развива како дел од глобалните сојузи на ЕУ и НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*