Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ го означи стартот на кампањата референдумот: „Излези за европска Македонија“ за да ја ставиме на вистински пат заедно со најсилните сојузи во светот

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ денеска ја промовираше кампањата за референдумот која ќе се спроведе под името „Излези за европска Македонија“.

 

На настанот на кој присуствуваа претставниците на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во чиј состав се над триесеттина политички партии и голем број други политички организации, здруженија на граѓани и поединци, се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, пратеникот и Претседател на Демократската унија за интеграции Али Ахмети, и актерката и доајен на македоснкиот театар и филм, Сабина Ајрула.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, истакна дека денес е важен ден за иднината на Македонија, и дека пред нас е настан со историски пропорции што ќе влијае на нашата земја за годините што доаѓаат.

 

„Ова е денот кога ќе отпочне одбројувањето кое ќе не донесе до денот кога народот во Република Македонија ќе – ИЗЛЕЗЕ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА! Само еден настан во поновата историја може да се спореди со предизвикот со кој се соочуваме. Тоа е настанот од пред 27 години. Тоа е денот кога сите гласавме за независна Република Македонија. Постои една директна линија која што ги поврзува 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година. Тоа се два големи настани, големи чекори, што ги преземаме како народ на оваа држава со кои ја обезбедуваме иднината на нашата земја како суверена и горда држава, со свој признаен и потврден македонски јазик, и со химна и знаме, која ќе биде дел од големото европско семејство – Европската Унија и од моќниот сојуз на НАТО“, истакна премиерот Заев.

 

Тој потенцираше дека гласањето на 30 септември, на многу начини е уште еден референдум за зацврстување и потврдување на нашата независност, кој ќе ги обезбедиме нашите граници, ќе го афирмира нашето културно наследство и нашата посебност, и ќе ни даде дефинитивна перспектива како членка на НАТО и ЕУ.

 

„Она во што сум убеден и што посебно импресионира е тоа што, како и во 1991 година, овој нов референдум за иднината на Македонија ќе се оствари со ист консензус, како што се случи и со референдумот за независност. Време е Република Македонија да се престрои на вистинскиот пат. Пат кој е над дневните расправии на политиката и жестоките полемики во нашето општество“, нагласи премиерот Заев.

 

Во своето обраќање Претседателот на Владата на РМ Заев истакна дека ова за референдумот за иднината на земјата сите треба да се бидеме едногласни, и ја повика уште еднаш опозицијата да се приклучи и да покаже дека Европа и НАТО се над дневната политика.

 

„Денеска започнуваме кампања со која ќе ги информираме граѓаните за придобивките од интеграцијата во ЕУ и НАТО. Заедно можеме да ги донесеме пораките за приодбивките до секое семејство во Македонија, без оглед на нивниот глас на референдумот.Тоа не се придобивки што ќе пристигнат за десет, или дваесет години. Тоа се придобивки кои ќе ги почувствуваме многу брзо откако ќе гласаме „ЗА“ на референдумот“, нагласи премиерот Заев и додаде дека фондовите на ЕУ секој ден ги користат деца, учениците, младите луѓе, семејствата и пензионери. Земјоделците и фабричките работници, претприемачите и новоформираните претпријатија.

 

Говорејќи за договорот со Грција и за одлуката народотда го даде последниот збор премиерот Заев рече дека безбедната иднина не доаѓа по лесно и едноставно. Никој не може да негира дека моравме да направиме компромис.

 

„Но, во основата на секој компромис, лежи напредокот, поместувањето од мртвата точка.Кога утре, во европска Македонија ќе им погледнеме на нашите деца во очи, ќе ја сфатиме величината на тој компромис. Во време на несигурност и нестабилност, ние ја ставаме Македонија на јасен пат, заедно со најсилните сојузи во светот“, потенцираше Претседателот на Владата Заев, и во завршницата на своето обраќање на промоцијата на кампањата „Излези за европска Македонија“, ги повика граѓаните уште еднаш да излезат и да гласаат “ЗА”, за да ја обезбедиме европска Македонија, и да одиме напред со гордост и чест како рамноправни граѓани на европскиот континент на кој му припаѓаме.

 

Во обраќањето пред јавноста Претседателот на ДУИ, и пратеник Али Ахмети, истакна дека на 30 септември ќе има само две опции: да се избере „ЗА“, за европска Македонија, или да се избере опција против нејзината иднина, и додаде дека е убеден дека мнозинството од граѓаните ќе го изберат одговорот кој ќе го заокружи континуитетот на заложбите за членство во Еу и НАТО.

 

Актерката Сабина Ајрула, во својот емотивен говор граѓаните се пред еден голем избор, и тој избор не е пресудно определ од политичката прагма, туку од исконскиот порив на граѓаните да изберат иднина што ќе им обезбеди сигурност, и просперитетна иднина во земја членка на Европската Унија и НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*