Бектеши: Годинава 1 милион Туристи ќе ја посетат Македонија

„Според последните податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика, зголемувањето на бројот на туристи продолжува во континуитет, па наместо до 2020, како што прогнозиравме, ние сме на прагот предвреме да ја оствариме зацртаната цел – годинава да оствариме 1 милион туристи, со 3 милиони ноќевања “, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Имено, според последните статистички податоци само во јуни 2018 година, во однос на јуни 2017 година, забележано е зголемување за 20.7 %, а кај бројот на ноќевања за 23.4 %. Притоа, бројот на домашните туристи во јуни годинава, во однос на јуни лани, е зголемен за 15.9 %, а на странските туристи е зголемен за 22.4 %.

„Изразено во апсолутни бројки, само во јуни 2018 година во земјава престојувале 102.327 туристи, кои оствариле 243.175 ноќевања, а заклучно со јуни влегле вкупно 433.361 турист, односно имаме вкупно 923.855 остварени ноќевања“, истакна Бектеши.

Во периодот јануари – јуни 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16.4 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 9.3 %, а кај странските зголемување за 19.8 %.

Според министерот за економија, учеството на туризмот во БДП се очекува да биде околу 3 %, со оглед на тоа што проекцијата до 2020 е тоа да биде 4%, а овој континуиран раст на бројот на туристи автоматски ќе значи и поголем девизен прилив.

„Ова е знак дека се движиме во вистинска насока, а политиките се одлично поставени. Влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи и отстранување на последната бариера што често пати е споменувана од странските туристи кои ја заобиколувале нашата земја, а тоа е прашањето околу поголема сигурност и безбедност. Но, тоа ќе значи и засилени инвестиции во туристичката инфраструктура, што секако ќе придонесе за развој на туристичкиот сектор“, потенцираше Бектеши, додавајќи дека земјите од регионот кои се дел од НАТО или ЕУ семејствата веќе го почувствуваа значењето од членството во насока на засилен економски развој, вклучувајќи и развој на туристичкиот сектор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*