Премиерот Заев од Пелинце: Наместо Небиднина, да Избереме Иднина

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и делегација на Владата во која беа Заменикот претседател на Владата и Министер за внатрешни работи, господин Оливер Спасовски, Министерот за надворешни работи, господинот Никола Димитров, Министерката за правда, госпоѓа Рената Дескоска, и Министерот за култура, господинот Асаф Адеми, денеска присуствуваа на свеченоста по повод државниот празник – Денот на Републиката – 2 Август, Илинден, што се одржа во Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце. Премиерот Заев, во рамките на свечената програма со која се одбележуваат 74 години од одржувањето на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, и 115 години од Илинденското востание во Крушево, имаше свое обраќање, кое ви го пренесуваме во целост:

 

Почитувани граѓани на Република Македонија,

 

Нека ни е честит и вековит денешниот, светол ден – Денот на Републиката и 2 Aвгуст, Илинден. Ова е денот кога се оствари вековната желба на јунаците на Крушевската илинденска епопеја и на храбрите борци на Народно ослободителната борба. Тоа е желбата за македонска држава. Тоа е сонот на генерации и генерации дејци за македонската кауза.

 

Во овој ден e вкоренета нашата државност.

 

Денешниот ден е еден од низата големи историски датуми и процеси кои што го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремеж на граѓаните, на народите на Република Македонија – да создадат сопствена држава.

 

Во нашите гени, ние сите ги носиме кодовите на нашите претходници.

 

Во тие кодови ги носиме збрани вредностите на кои се повикуваме, и на кои ја градиме иднината.

 

Тој континуитет на вредности е карактеристика на модерните европски држави.

 

Од таа низа на големи историски настани, денеска славиме 115 години од славната Крушевска Илинденска епопеја и 74 години од создавањето на Народна Република Македонија.

 

Дозволете ми, почитувани граѓани, да издвојам еден, од четирите државотворни одлуки од АСНОМ.

 

Никој не може да го порекне модерниот државотворен концепт на одлуките кои имаат актуелност и применливост и ден-денеска.

Да цитирам:

 

– Сите граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, без разлика на нивната народност, пол, раса и вероисповед.

 

– На националните малцинства во Македонија им се гарантираат сите права на слободен национален живот.

 

– На секој граѓанин му е загарантирана сигурноста за приватноста и имотот, загарантирано му е правото на сопственост и приватната иницијатива во стопанскиот живот.

 

– На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповед и слободата на совеста.

 

– На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, правото на јавен собир и слободата на здружување.

 

– Сите граѓани на демократска Македонија имаат право еднакво, општо и непосредно да учествуваат на слободни избори со тајно гласање.

 

Тоа е визијата за Македонија од АСНОМ. Тоа е визијата за Република Македонија денес.

 

Темелни вредности на таа визија, се вградени и во Манифестот на АСНОМ во кој уште се вели:

 

„Тешкото минато ни покажа оти интересите на нашите народи се исти, а нивната судба заедничка. Во овие решителни моменти сите ние ја градиме слободна Македонија.

 

Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.

 

Мобилизирајте ги сите народности поскоро да ги оствариме неговите свети принципи. Учествувајте рамноправно во изградувањето на слободна Македонија – слободна татковина на сите народности.“

 

Почитувани граѓани,

 

Денеска, кога со сета почит и достојно се сеќаваме на државотворните настани на двата Илиндена во  1903, и во 1944, од перспективата на оваа 2018 година, неминовно е да се соочиме со фактот дека треба да  ја прифатиме државотворната агенда на концептот кој силно повикува: Да ја градиме Македонија како граѓанска држава, која ќе биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – Едно општество за сите!

Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и сите други граѓани кои живеат во оваа земја, знаат и сакаат да ги почитуваат градителите на нивната татковина.

Сите се заложуваме за суштински промени во корист на секој граѓанин.

 

Денес, имаме историска шанса Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.

 

Ова е моментот на најпозитивна клима и енергија што низ заедничките досегашни напори допре и до Европа и до демократскиот свет.

 

Денес светот едногласно ја поддржува новата политичка страница на Македонија. Тоа води кон заеднички напредок. Тоа води кон квалитетен живот на сите во Република Македонија.

 

За само една година се соочивме со сите препреки на патот кон Евро-атлантските интеграции.  Со игнорирање не може да се реши ниту еден проблем. Решавањето на тие препреки бараше храброст, иста како и храброста на нашите револуционери, а тие храбри одлуки не беа нималку лесни.

 

Бевме предолго надвор од современите текови. Дел од причините беа објективни, но дел од проблемите некој ги создаваше и од внатре.

 

За само една година Република Македонија направи коперникански пресврт.

 

Изминатите години зад нас, не можеме да ги вратиме за да ги поправиме грешките.

 

Мораме  да гледаме напред. Времето пред нас умно, храбро и посветено да го искористиме. Нема да добиваме секогаш шанси за ја воздигнеме нашата Македонија како еднаква помеѓу другите европски држави и затоа сме согласни дека сега е шансата да го земеме нашето заслужено место во Евро-Атлантското семејство на народи.

 

Македонија, граѓаните на Македонија, Владата, Собранието и целото општество, имаме огромна поддршка за одлучноста во спроведувањето на суштинските реформи.

 

Уште поголема е поддршката за определбата да продолжиме со нив до конечното членство во Европската Унија и НАТО.

 

Нашите пријатели сметаат дека Македонија е конечно на вистинскиот правец и порачуваат да се обединиме сите за исполнување на заедничкиот интерес за остварување на добри перспективи за нашите граѓани.

 

Драги граѓани,

 

Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите на која граѓаните се горди, не штедејќи се себеси.

 

Храброста на нашите револуционери и борци на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме е мотивот кој не води секој ден низ битки за Републиката која е наша, и која е исправена и достоинствена пред светот.

 

Нема подобар начин да им се оддолжиме на нашите херои, освен со продолжување на такви храбри чекори.

 

Заедништвото кое како наследство ни е оставено во Крушевскиот манифест, во кој се повикуваат комшиите и пријателите без разлика на пол, вера, убедување и народност, во желба за подобар живот е света водилка по која се водиме до денешен ден.

 

Една од најтешките глетки е да си го гледаш народот поделен.

 

Затоа да ги запреме поделбите. Да се обединиме внатре, да се обединиме со соседите, да се обединиме и со европското семејство.

 

Да се обединиме со сите кои живеат и се вложуваат денес, за сите да имаме утре. Да си живееме убаво.

 

Порачуваме – Илинден и АСНОМ се за заедништво, а не за поделби!

 

Нам, на граѓаните ни е доста од делби. Време е за храброст, не за делби. Храбри сме и знаеме, дека во секој граѓанин на Македонија има по еден партизан и по еден комита!

 

Заедно ја напишавме нашата историја!

 

Заедно ќе ја градиме нашата вековна иднина!

 

Почитувани граѓани,

 

Дозволете ми да се осврнам на Договорот со Република Грција. На ДОГОВОРОТ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА.

 

Договорот што го постигнавме е историски гледано најдобра и фер шанса за граѓаните на Македонија. Договорот е влог во македонската иднина, кој го расчисти патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ.

 

Стануваме член на семејствата на НАТО и ЕУ нациите кои уживаат силен економски развој.

 

Со Договорот носиме подобар живот за сите граѓани и го чуваме богатото историско и културно наследство кое ја има направено нашата македонска нација славна.

 

Кога ќе стоиме пред јарболот на кое ќе се издига македонското знаме – ќе стоиме гордо. Зашто       со договорот ХИМНАТА, ГРБОТ

И ЗНАМЕТО ОСТАНУВААТ ЗАСЕКОГАШ.

 

Договорот го ПОТВРДИ И ЗАШТИТИ МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ!

Договорот гo гарантира правото да се определуваме како МАКЕДОНЦИ. Нема повеќе оспорувања.

 

Според Членот 7 од Договорот, македонскиот идентитет ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство.

 

Овој договор го ЗАШТИТИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК!

 

Според членот 1 од Договорот, официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преводлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“).

Македонскиот јазик е потврден – идентитетот е зачуван.

Договорот го потврдува ДРЖАВЈАНСТВОТО КАКО МАКЕДОНСКО, СЕГА И ВО ИДНИНА, ЗАСЕКОГАШ

 

Според Договорот, нашето државјанство ќе биде: македонско / граѓани на Северна Македонија.

 

МК – МКД ОСТАНУВААТ МЕЃУНАРОДНО ПРИФАТЕНИ И ПРЕПОЗНАТЛИВИ КОДОВИ

 

Kодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација.

 

Со договорот решивме спор кој ја блокираше нашата иднина и ДОБИВМЕ ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО. НИЕ ЌЕ БИДЕМЕ 30-ТА ЧЛЕНКА НА АЛИЈАНСАТА. Со тоа ни се гарантираат сигурноста, безбедноста и економскиот развој.

 

Имаме кандидатски статус за членство во ЕУ од 2005 и од 2009 добиваме препораки за почеток на преговори. Но сега, за ПРВ ПАТ ДОБИВМЕ ДАТУМ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ЕУ. ПОДГОТОВКИТЕ СЕ ВЕЌЕ ВО ТЕК, како резултат на Договорот со Грција.

 

ДОГОВОРОТ ГИ ЗАТВОРА ПРОБЛЕМИТЕ.

 

ДОГОВОРОТ ГО ЗАТВОРА СЕКОЕ СПОРЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ.

 

ДОГОВОРОТ ОВОЗМОЖУВА ДА ПРОДОЛЖИМЕ НАПРЕД ПО ЈАСЕН ПАТ.

 

ДОГОВОРОТ ГАРАНТИРА МАКЕДОНСКО-ГРЧКО ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА.

 

Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу двете земји, за иницијативи кои ќе предизвикаат подобар животот за граѓаните на двете земји.

 

Решението, и процесот низ кој поминавме, ни донесе пријател.

Пријател за кој до вчера некои во нашите средини не убедуваа дека е непомирлив непријател.

 

Градиме пријателство со Грција. Ќе бидеме партнери и сојузници.

Тие ќе бидат наши поддржувачи. Заедно трасираме пат за стратешко партнерство, за придобивки за граѓаните на двете земји.

 

Тоа е новата реалност на Балканот. Тоа е реалност што заеднички ќе ја изградиме на темелите на меѓусебното пријателство и на заедничките заложби за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во нашите земји и во регионот.

 

Мој народе,

 

Ова се причини и силни аргументи за патриотизам.

 

Што значи да ја сакаш својата земја, да бидеш патриот?

 

Патриот си кога се грижиш за она што доаѓа утре. Патриот си кога ќе ја обезбедиш и заштитиш подобрата иднина. Овој договор е резултат на таа грижа. Затоа е патриотски.

 

Патриот си ако го сакаш најдоброто за својата земја, за своето семејство, за луѓето околу себе. Овој договор е доказ за тоа.

Затоа е патриотски.

 

Патриот си ако ја сакаш иднината, изградена врз цврстите, врз добрите темели на минатото. Со овој договор создаваме токму таква иднина сите заедно, без разлика на етничка припадност.  Затоа договорот е патриотски.

 

Време е Македонија да направи историја и забрзано да продолжи по патот кон посветла иднина. Ова е нашата шанса.

 

Одговорот на таа шанса треба да го дадеме заеднички. Никој нема наместо нас да донесе одлука.

 

Почитувани граѓани на Република Македонија,

 

Пред неколку дена го утврдивме датумот на референдумот. 30-ти септември. Тоа е денот за нова историска одредница. Тоа е денот кога ќе донесеме одлука за нашата натамошна иднина.

 

За иднина во семејството на европските народи и земји членки на Европската Унија.

 

Тоа е денот кога ќe ја определиме нашата иднина како земја членка на најсилниот воено-политички сојуз – НАТО.

 

Ние граѓаните, секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука.

 

Сега е моментот за одлука!

 

Државотворните народи препознаваат вакви историски моменти и ја преземаат одговорноста да одлучат.

 

Во вакви пресудни моменти не се седи дома, не се молчи, не се остава друг да одлучува. Ова се моменти кога шансата треба да се зграби, храбро, одлучно и достоинствено.

 

Историјата ги памети тие што се издигнуваат, преземаат, му даваат сила на својот глас, и излегуваат да донесат одлука. Тие пишуваат историја, историјата ги запишува нив.

 

Да покажеме на 30-ти септември, дека сме народ кој си ја знае историјата, учи од неа, и знае да научи од историјата. Народ поучен од историјата дека нема да ги повторува нејзините трауми.

 

Нашата поука од минатото е дека иднината е вистинскиот избор!

 

Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина, а со тоа и иднината на наша земја.

 

Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба да изберете. Излезете и изберете.

 

Демократскиот избор на граѓаните мора да се почитува, нивниот глас и став е конечен.

 

Уверен сум дека Македонците и сите граѓани на Татковината ќе го направат вистинскиот избор и дека ќе го избереме патот кој води напред.

 

Тргнуваме силно и никој не може да не сопре. Како никогаш порано, одлучни и решителни, Македонија да успее! И ќе успее!

 

Коалицијата која е за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО ве уверува во тоа!

На 30-ти септември ќе ги отфрлиме понудите за мрак, ќе ја отфрлиме амнестијата за криминалот, неизвесноста и изолацијата.

 

Доста беше: Заробена држава, политички криминал, грабеж на народното богатство, завладеано и корумпирано судство, купени медиуми, откупена слобода, политичка мафија.

 

Доста е небиднина! Ние ќе избереме иднина! Да, мој народе, време е за иднина, наместо небиднина.

 

Референдумот е таа точка,  во која ќе се спојат иднината на Република Македонија и на Европа.

 

Дајте од таа точка, од референдумот натаму, иднината на нашата земја и иднината на Европската Унија да тргнат во една заедничка линија.

 

Јас сум апсолутно уверен дека вашиот избор ќе дојде од препознавањето на местото на нашата држава.

 

Ве повикувам сите вас да кажете со гордост ДА за да ги зграбиме можностите кои ни ги нуди Европската Унија, да кажеме ДА за гарантирана стабилност и безбедност преку членството во НАТО, да кажеме ДА за признаен и потврден национален македонски идентитет, јазик и култура.

 

За нас, за нашите идни генерации, за нашата иднина.

 

За иднината на Република Македонија!

 

Време е!

 

Нека е честит и вековит Денот на Републиката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*