Средба на Премиерот Заев со Јапонската Амбасадорка Ханеда

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда.

Амбасадорката Ханеда, на средбата, му честиташе на премиерот Заев за постигнатиот договор со Грција. Како што истакна таа, по потпишувањето на истиот, чувството на меѓународната заедница е дека двете земји се големи пријатели.

Истакнувајќи дека Јапонија секогаш била голем пријател на Македонија, премиерот Заев посочи дека особено ја цени поддршката којашто оваа земја во континуитет ѝ ја пружа на Република Македонија.

„Имавме храброст со Грција да најдеме решение и да ја отвориме иднината, пред сѐ, за младите генерации коишто доаѓаат. Со тоа и на светот му покажавме дека Македонија има демократски капацитет и волја за решавање на проблемите. Претстојниот референдум впрочем е највисокото ниво на демократија. Граѓаните се исправени пред тешка одлука, но верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука за својата и за иднината на своите поколенија“, потенцираше премиерот Заев.

Амбасадорката Ханеда, од своја страна нагласи дека Јапонија и натаму ќе ја поддржува Македонија во евро-атлантските аспирации. Додаде и дека ќе продолжи да го помага развојот на Македонија во разни области.

Денешната средба премиерот Заев ја искористи на амбасадорката Ханеда да ѝ изрази сочувство за бројните жртви во неодамнешните поплави кои ја зафатија Јапонија. Потенцирајќи дека пријателството меѓу двете земји е зацврстено одамна, премиерот Заев истакна дека по примерот на Јапонија, Македонија ќе ѝ помага на земјата секогаш кога ќе има потреба за тоа.

 

Амбасадорката се заблагодари за помошта што Владата на РМ ја оддели за штетите од поплавите во Јапонија и подвлече дека Владата на Јапонија и јапонскиот народ високо го ценат овој гест на поддршка и солидарност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*