Транскрипт од Изјавата за Медиуми Дадена од МНР Димитров во Собранието на Република Македонија

Почитувани медиуми,

Јас сум тука денес во Собранието за да разговараме за постигнувањата на надворешната политика во последнава година. Не знам дали ќе ми се даде право на збор, така што ја користам оваа прилика и многу на кратко ќе се осврнам на тоа каде беше и каде е денес Македонија. Беше оквалификувана како заробена држава, имаше многу малку пријатели. Денес Македонија е земја на можности и со зборовите на многу од нашите пријатели– во Европа и во Соединетите Американски Држави– е светилник на надежта. 14от Совет за Стабилизација и Асоцијација, заедно со Федерика Могерина- таа рече дека е веројатно најуспешната порака и вест оваа година за Европската унија. Не’ критикуваа за владеењето на правото, за заробена држава, за проблеми со слободата на медиумите, за проблеми со независноста на судиите. Денес велат дека Македонија направи пресврт, има видлив напредок. Пример сме за добрососедски односи во целиот регион. Го затворивме прашањето со Бугарија. На добар пат сме да затвориме прашање со Грција што не’ влечеше назад како тег 27 години. Добивме покана за Пристапни преговори со НАТО. Добивме јасен патоказ за почеток на преговорите со Европската Унија во јуни идната година. Споменато е дека во текот на идната година, до крајот на 2019, ќе има, доколку се’ оди по планот, и меѓувладина Конференција што го означува и формално почетокот на тие пристапни преговори. Мислам дека ни треба поголема зрелост, поголема храброст. Воопшто не знаев за материјалите. Обично во подготовка на седница се праќаат претходно материјалите. Во секое време сум спремен да разговораме за се’, за моите ставови, бидејќи сум многу искрено влезен во овој процес. Предноста моја е што тоа што го кажувам вака, го кажувам и зад затворени врати. И кога ќе се исполнат приликите — ова е вон моја моќ и контрола — спремен сум за се’ да разговарам.

Мислам дека е важно две-три клучни работи да ги потенцирам. Во заклучоците на Европската Унија се бара одговорност и расчистување на нападот врз Собранието од минатата година- 27 април, 2017 година. Се бара правна разврска и правна одговорност за индициите за криминал и злоупотреби од прислушкуваните разговори коишто сите ги слушавме во 2015 година. Не смееме да имаме страв од одговорност и за минатото и за иднината. Не смееме да имаме страв од соочување со граѓаните на референдум. Впрочем сите се согласија, пред се’ опозицијата често во минатите години зборуваше дека ова прашање може да се реши само со референдум. Дајте тогаш да создадеме услови за референдум. Да избереме Државна Изборна Комисија.  Дај да расправаме отворено пред граѓаните за плусовите и за минусите.

И конечно, мене оваа ситуација како и 27 април минатата година, така и ситуацијата од последниве 2 недели ми изгледа како да не ни е на сите важна државата Република Македонија. Мислам дека премногу дел од нас мислат на себеси, на својата политичка иднина. Има една приказна од Стариот Завет со кралот Соломон. Кога две мајки живееле во иста куќа, им се родиле бебиња во рамките на 2-3 дена. Едното починало, едната ги заменила и останале со едно живо бебе. Кога отишле кај Кралот Соломон тврдејќи дека се мајки на живото бебенце, Соломон предложил да го пресечат синчето на два дела и да земат по еден. Вистинската мајка вриснала: НЕ, не го допирајте, дајте и’ го на другата жена! Мислам дека за жал политичката партија што ја третираме уште како политичка партија се однесува кон Македонија како оваа мајка чиешто дете починало. Поважно е да е нивна Македонија, отколку Македонија да оди напред и да успее. И тоа е наш голем проблем.

Jас овде не дојдов на отчет. Јас дојдев овде пред вас бидејќи сакам маглите да ги расчистуваме. Тоа што ние се обидуваме да направиме во една година, е работа што требаше да ја направиме во минатите 15 години. И отчет не може да бара тој, кој што уште не е реформирам, доведе до тоа за Македонија да се зборува како за заробена држава. Тоа е како болеста да бара од лекот до каде е со лечењето. Јас дојдов тука заради вас и заради јавноста, бидејќи немам—за жал имав надеж дека ќе имаме една зрела дебата—меѓутоа ова е депримирачки.

Новинарско прашање: Неколку пати Претседателот на Комисијата се обиде да каже пред јавноста дека во тие класифицирани документи има нешто поразлично што сте го зборувале од сега ова што го кажувате.

 МНР Димитров: Во сите преговори има преговарачки тактики, има позиции…Ако вие се сеќавате, во јавноста, од другата страна имаше нели вести за споено име, за непреведливо име. Секогаш кога се движите кон компромис, двете страни се движат. Е сега, мене ми е тешко на ова да одговарам, токму затоа се тие класификувани. Ние сме во еден деликатен процес. Се’ што излегува во нашата јавност ќе се пренесе и во грчката јавност. Таму исто можеме да им ја отежнеме работата. И за мене е многу поважно процесов да успее и да имаме резултат отколку јас денес да излезам победник, а сите да бидеме поразени за крупната тема. Ќе дојде време, ќе се декласификуваат сите работи и ќе се вратам со реченицата со која што почнав. Воопшто во секое време прифаќам дебата за секој материјал бидејќи и таму и тука пред вас и со Грците сум секогаш еден ист, отворен и многу сериозно вложен во овој процес. Благодарам.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*