Австријците Светски Шампиони во Летање Змејови на Првенството во Крушево

Со прогласувањето на најуспешните викендов во Крушево завршија двонеделните првенства во змејарство: 20-то Европско и 8-то Светско првенство во змејарство. Најуспешни во поединечна и во екипна конкуренција беа тимовите на Австрија, во летови од категорија пет и на Италија, во летови со делта план во категорија еден.
Од 8 до 21 јули Крушево по втор пат беше домаќин на светската елита во летови со делтаплан – змејарство. Учествуваа 125 пилоти од 33 земји од светот.

Според Стефан Малбос од Интернационалната воздухопловна федерација, првенствата беа одлично организирани.

– Одлична организација, многу добри временски услови. Имаме одлични светски шампиони и пилотите се среќни што се во Крушево. Ова е втор пат Крушево да е домаќин на вакви врвни натпреварувања и се беше одлично, рече Малбос.
За Горан Димишковски, директор на натпреварите, и за Владимир Бараковски, Воздухопловен сојуз на Македонија, Крушево се етаблира на светската мапа на врвни натпревари во змејарство и параглајдерство.

– Пилотите имаа осум летови во 10 дена од по 200 километри низ Пелагонија и тоа е голема успешност за светските натпреварувања. Можеби должината на летот не е спектакуларна, зашто, на пример во Нов Зеланд има летови и до 400 километри, но таму е само со помош на ветрот во грбот, а посебноста овде е да се лета во специфични, тешки услови и да се остварат одлични резултати. Тоа е голем успех, изјави Димишковски.

Ова, спред Бараковски, значи дека Крушево има и обврска, да се покаже во сите наредни светски натпреварувања зашто се поставени високи критериуми.

Пилотите од сите страни на светот уживаа во прогласувањето на најуспешните кои добија медали и пехари. Волвган Коткасер од Австрија е водич на тимот од својата земја. Тој е и поединечен освојувач на првото место во категоријата на летови пет, како и неговиот тим- Ова место е едно од најдобрите во светот за вакви натпреварувања. Безбедно е, а луѓето се многу гостопримливи. Немавме никакви инциденти. Многу ми се допаѓа, рече Коткасер.

Слични размислувања споделува и Александро Плонер од Италија чиј тим е освојувач на златото во категоријата еден летови.

– Беше тежок натпревар зашто имаше одлични светски пилоти и среќни сме што сме светски прваци. Овде е фантастично. Првпат дојдов и секако пак ќе доаѓам да летам, посочи Плонер.
За крушевскиот градоначалник Томе Христоски ова лето е успешна сезона која носи за 30 отсто повеќе туристи и гости, а допрва доаѓаат илинденските чествувања.

– Крушево овој период е полно со туристи и е многу живо. За еден викенд имавме и до 3.000 гости, а до крајот на сезоната очекуваме вкупно околу 15.000 туристи. Допрва се културните настани околу Илинден, а не чекаат и уште неколку првенства во летање, изјави Христоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*