ЏАФЕРИ НА ТРЕТИОТ САМИТ НА СПИКЕРИ НА ПАРЛАМЕНТИ НА ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА

Во последниве 30 години од паѓањето на железната завеса со која Европа беше поделена на два идеолошки антагонистички блока, многу работи се променија. Ние, државите и народите од Југоисточна Европа кои бевме од другата, јас би рекол темната страна, во овие триесет години на транзиција сепак успеавме да ги вратиме во нашето секојдневие многу цивилизациски и демократски принципи и стандарди кои поради идеолошки причини ни беа забранети, и тука мислам на почитувањето на индивидуалните човекови права и слободи. Секако тоа не одеше ниту брзо, ниту лесно. Ќе зборувам од искуството во мојата земја, Република Македонија. Ако на почетокот повеќе личевме на гласачка машина која ги усвојува предложените закони од Владата, денеска сме Парламент каде што се водат живи, аргументирани дебати.

Сепак, најголем напредок е постигнат во две подрачја и тоа се, јакнењето на надзорната улога на парламентот врз извршната власт и сè поизразената улога на парламентите во меѓународните односи, како на билатерално така и на мултилатерално ниво, односно развојот на парламентарната дипломатија. Станува збор за еден многу современ тренд во меѓународните односи кој нема за цел да ја замени или истисне класичната дипломатија туку, благодарение на сите оние предности кои ги има парламентот како институција, да даде свој придонес како во билатералните така и во мултилатералните односи. А целта на сите нас е иста, односно, да се одговори на предизвиците кои ги носи глобализацијата, да се обезбеди мир, стабилност и просперитет, како за нашите граѓани така и пошироко, на ниво на регионот или во рамките на здружена Европа. Само да спомнам дека пред две недели, Собранието на Република Македонија беше домаќин на 98-миот Рос-Рот семинар кој е значајна и пред сè, за нас многу корисна алатка во рамките на Парламентарното собрание на НАТО. За државите од Југоисточна Европа, соработката во рамките на Парламентарното Собрание на НАТО е многу важна, особено кога станува збор за евроатланските интеграции, но и како можност за креирање на заеднички политики за одредени прашања и реализирање на заеднички проекти. Во овој контекст, во април годинава имавме сесија во Љубљана а во јуни минатата година, во Рига, имавме сесија на парламентарниот безбедносен форум на кој учествуваа околу 30 национални парламенти и на кој се расправаше за глобалните безбедносни предизвици и најдобриот одговор на нив.

Многу е слична и соработката со Парламентарното собрание на Советот на Европа и со Европскиот Парламент, кои преку своите механизми одиграа многу важна и успешна улога во целокупните процеси на транзиција на државите во Југоисточна Европа, како и за нивната интеграција во евроатланските структури.

Парламентарната дипломатија за која сум убеден дека ја развиваме успешно во регионот, овозможи две клучни работи. Дефинитивно да разбереме и да прифатиме дека, само преку дијалог можеме да ги надминеме билатералните недоразбирања и историски антагонизми, и во исто време, да увидиме дека тоа е и единствениот пат кој ќе ја води секоја држава поединечно и целиот регион во ЕУ и НАТО. Само да потсетам дека Собранието на Република Македонија денеска има високо развиени односи со парламентите на Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, а тоа што е најважно е дека како парламенти одигравме јас би рекол пресудна улога во надминување на некои долгогодишни, историски отворени прашања. Лично, се надевам дека ваквите односи набрзо ќе ги воспоставиме и со соседна Грција, сега кога веќе е потпишан договорот со кој се постигна конечна спогодба за решавање на разликите околу името на нашата држава.

Почитувани колеги,

Ги наведов овие примери на добро и успешно практикување на парламентарната дипломатија, без разлика дали станува збор за средби и разговори на ниво на парламентарни спикери, на ниво на работни тела или пак на собраниски служби. Позитивните искуства се тука, а и овој наш состанок овде во Варшава е секако дел од таа парламентарна дипломатија. Наша должност е да продолжиме да ја негуваме и развиваме парламентарната дипломатија, да ги решаваме сите предизвици кои ги носи глобализацијата, без разлика дали станува збор за прашања од областа на екологијата, мигрантската криза, организираниот криминал и тероризам, па се до заеднички економски и инфраструктурни проекти. И, да не заборавиме дека преку парламентарната дипломатија, ја јакнеме и развиваме демократија дома, во регионот и на глобално ниво.

На крај, би сакал да ја искористам оваа можност и да го честитам Одбележувањето на 550-годишнината од Полскиот парламентаризам и стогодишнината од Независноста на Полска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*