ДИМИТРОВ НА СОБИРОТ НА ГЛОБАЛНАТА КОАЛИЦИЈА ПРОТИВ ТЕРОРИЗАМ

Во рамки на вториот работен ден на самитот, на покана на Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг и Државниот секретар на САД, Помпео, министерот Димитров учествуваше на состанокот на земјите членки на Глобалната коалиција предводена од САД, за борба против тероризмот и исламската држава. Во оваа прилика, министерот Димитров, презентирајќи ги пред своите колеги преземените национални активности за справување на заканите од тероризмот и насилниот екстремизам, ја истакна цврстата заложба на Република Македонија, како 30-та земја членка на НАТО, активно да продолжи со својот придонес во поддршката на меѓународната заедница и Глобалната коалиција за справување со овие глобални закани.

На маргините на самитот, МНР Димитров оствари неколку одвоени билатерални средби со своите колеги и тоа: со министерот на Кралството Норвешка Сореиде, со претставникот на ОН, Розмари ДиКарло, потсекретар за политички работи на ОН, како и со  министерката за надворешни работи на Канада, Фриланд.

На средбите, министерот Димитров се заблагодари за донесената одлука на НАТО за упатување покана до Република Македонија за отпочнување на пристапни разговори со Алијансата. Заеднички беше истакната важноста на оваа одлука, со заклучок дека членството на земјата во НАТО, претставува исклучително добра вест за Балканот, и ќе даде нов и позитивен импулс во заложбите на Регионот за негово целосно европско и евро-атлантско интегрирање, како и тоа дека Европа ќе добие уште еден партнер во споделувањето на заедничките вредности и одговорности. Исто така, на средбите беше истакната заложбата за натамошна зајакната соработка во процесите што следат, а со што ќе и’ се овозможи на земјата брзо членство во НАТО.

Во оваа прилика, на средбата на министерот Димитров со канадската министерка за надворешни работи Фриланд,  беше потпишана и Декларацијата за стратешко партнерство меѓу двете земји, што претставува посебен белег и потврда на исклучително позитивните односи и соработка меѓу двете земји.

Министерот Димитров, заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, Заев и потпретседателите Шекеринска и Османи, учествуваше на состанокот посветен на Авганистан, на кој земјите членки на НАТО и земјите Оперативни партнери во мисијата на НАТО – Одлучна поддршка, заедно извршија преглед на напредокот на мисијата, натамошните предизвици и потребите и помошта за авганистанската Влада.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*