На денешната тркалезната маса: „Подобрување на моделот на финансирање на политичките партии во Македонија”, во организација на Националниот демократски институт (НДИ) во соработка со Транспаренси Интернешнл Македонија се дискутираа предизвиците околу изнаоѓањето соодветен модел за финансирање на политичките партии, а притоа да се обезбеди стабилно финансирање засновано на правичен систем којшто ќе даде фер критериуми на буџетските средства, транспарентност на донациите и на нивните извори на финансирање, но секако и начинот на трошење на средствата се со цел да се избегне политичката корупција.
Почетокот на своето обраќање, Дескоска го искористи да го објасни постојниот модел за финансирање на политичките партии, со кој е предвидено дека вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се во висина од 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија, а дека средствата се распределени на два начини.
Дескоска истакна дека листата на годишно финансирање којашто се изготвува во МП, минатата година сочинувала 56 политички партии кои се финансирани од буџетот на државата.
– Распонот на средства се движи од 25 милиони денари за партијата којашто добива најголемо буџетско финансирање, до 72 илјади денари за политички партии коишто учествувале во коалцијата со некоја од поголемите политичките, бидејќи кога имате коалиционен настап, тогаш врз основа на известување на политичките партии коишто учествувале во коалицијата се врши распределбата на средствата согласно нивниот удел. Партиите коишто самостојно учествувале на изборите надвор од коалиција, имаме финансирање на помалите политички партии милион и 500 илјади денари, или со уште помал праг 338 илјади денари, рече Дескоска.
Таа додаде дека надвор од овие средства, од буџетот на Република Македонија се издвојуваат и 280 илјади евра за годишно финансирање на партиско-истражувачки аналитички центри коишто се формирани во политичките партии со цел да се овозможи истражувачка димензија и поаналитичко работење на политичките партии.
Министерката истакна дека годишното финансирање може да биде суспендирано доколку политичките партии не ги исполнуваат своите обврски, а тоа е обврската да обзнанат јавно кои се донаторите, која е висината на средствата којашто ја донирале.
-Ние во минатото но и оваа година имаме листа на политички партии коишто се суспендирани од годишното финансирање. Во април месец оваа година е донесена таква одлука со којашто од овие 56 политички партии, 26 се суспендирани од финансирањето бидејќи не ги исполниле обврските околу финансиското известување во 2017 година. Доколку биде исполната обрската ДЗР го информира Министерството за правда и потоа се преземаат мерки за корегирање на одлуките и за надомест на средствата. Овде можеме да размислуваме за поригорозни закони во смисла на тоа доколку не се исполнат обврските на време, да нема можност за корекција, и можноста за финансирање да биде изгубена за таа година, но тоа е прашање за дебата, а целта е уште повеќе да бидат принудени политичките партии да навремени ги доставуваат извештаите за кои се обврзани – истакна Дескоска.
Дескоска се осврна и на донациите: „Во делот на донациите, Законот за финансирање на политички партии содржи висок праг на висина на донации од страна на правни и физички лица, што навистина гледано за македонски услови се големи суми, како на пример 150 просечни плати за правни лица или 75 просечни плати за физички лица е навистина голема сума за донирање“.
Како едно од можните решенија за овој проблем, Дескоска го посочи поставувањето на горен плафон за годишно финансирање на политичките партии.
-Имаме горен плафон за висина на поединечните донации, но немаме горен плафон со највисока граница на годишно финансирање на една политичка партија, па затоа излегоа анализи коишто беа присутни во медиумите во изминатиот период, дека најбогатата политичка партија во Европа е од Македонија, па ја споредуваа со партијата на Меркел, што исто така укажува дека треба да се размисли на горниот плафон за финансирање на политичките партии годишно – рече Дескоска.
Во делот на забранетите извори на финансирање на политички партии, според министерката, законот е јасен и дециден, каде таксативно се наброени забранетите извори за финансирање, со паралелни одредби во кривичниот законик. Во него е одредена и кривична одговрност доколку партиите се финансираат од недозволени извори, што покажува дека законската рамка од Законот за финансирање на политичките партии е пресликана и со одредби за одговорност.
-Според некои укажувања, мерките се преригорозни, но таа ригорозност е ставена во законската рамка за да одговори на одредени девијации коишто биле присутни во праксата, смета министерката Дескоска.
– Со намалувањето на лимитот на користење на кеш во прометот, на некој начин ќе даде и свој позитивен придонес и во финансирањето на политичките партии. Тоа секако ќе влијае врз она што значи кеш донации во политичките партии и кеш плаќање од политичките партии. Тоа има генерален импакт врз она што значи намалување на корупцијата во Република Македонија, и во рамките на политичките партии, истакна Дескоска.
Министерката додаде дека Министерството за правда наскоро ќе го објави извештајот од ГРЕКО, и потенцираше дека во него не се содржани препораки за подобрување на законската рамка за финансирањето на политичките партии.
-Генерален впечаток е дека правната рамка во Република Македонија содржи бројни јаки страни, но недостасува имплементацијата на правилата. Задачата е преку јакнењето на капацитетите на институциите да придонесе за доследно спроведуање на законската рамка. Познато е во јавноста дека постојат одредени судски постапки за нелегално финансирање на изборни кампањи, а завршувањето на овие процеси треба да биде сигнал за сите политичките партии дека несмее и не треба да има премолчен договор помеѓу политичките партии за заштита во делот на финансирањето на политичките партии. Спречувањето на корупција мора да почне со спречување на корупцијата во рамките на самите политички партии и нивното финансирање, истакна Дескоска.