
Безуспешна дискусија за седумгодишниот буџет и за решавање на трговските дисбаланси, како и жестоки дебати за енергетските и миграциските политики на ЕУ – тоа беа, накратко, темите на мошне амбициозната агенда на дводневниот самит на Европскиот совет, кој заврши во петокот во Брисел.
Темата за проширувањето беше засенета од забелешките на Хрватска во врска со пристапувањето на Црна Гора, што резултираше со прифаќање на барањата на Загреб.
Премиерот Пленковиќ истакна дека Хрватска била многу поконструктивна во споредба со одредени други земји-членки, суптилно алудирајќи на случајот со Северна Македонија. Како последица на тоа, во заклучоците изостана какво било спомнување на другите земји-кандидати, освен повторувањето на претходните ставови дека проширувањето на ЕУ претставува геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на Европа.