
Албанските медиуми објавија дека Министерството за внатрешни работи на Албанија прогласило двајца државјани на Северна Македонија – контроверзниот скопски имам Бекир Халими и политичарот Валон Бела – за персона нон грата и им забранило влез во земјата.
Според извештаите, двајцата се ставени на црната листа на Албанија по проценка дека претставуваат закана за националната безбедност, уставниот поредок и суверенитетот на Албанија, како и закана за јавниот ред и мир.
Врз основа на медиумските извештаи во Албанија, според проценките, постојат сомневања дека двајцата се членови на терористички организации кои поддржуваат и спроведуваат анархистички дејствија против албанската држава. Халими е радикален имам од Скопје. Исламската верска заедница (ИВЗ) го исклучи од своите редови во 2016 година. Сепак, подоцна се врати како раководител на Исламската библиотека во Скопје.
Бела е политичар кој пред седум години беше претставник на ДУИ и беше економски директор на Гинеколошката клиника. На прашањето за одлуката на Албанија да го прогласи за персона нон грата, Бела рече дека таа е политички мотивирана.