
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против пет лица од Скопје, на возраст од 22 до 34 години, осомничени за терористичка организација.
Според Обвинителството, кон крајот на 2024 година, првоосомничениот создал интернет канал и група на социјална платформа каде што членувале и другите осомничени.
„Во текот на 2025 и 2026 година, преку овие комуникациски канали осомничените ширеле содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на терористичката организација ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички идеолошки материјали. Целта била ширење на пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија и нивни извршители“, соопшти Обвинителството.
Претходниот ден беа извршени претреси на пет локации во Скопје. Три од нив беа спроведени во затворот Идризово, каде што двајца од осомничените издржуваат затворски казни за други кривични дела, додека еден е во притвор.
Претреси беа извршени и на две други локации поврзани со преостанатите осомничени. Пронајдени и конфискувани се неколку електронски уреди и други предмети. На еден од осомничените му е изречена мерка притвор, додека вториот ќе биде во куќен притвор.