Одржано ново рочиште за судењето за пожарот во Кочани

Ново рочиште во судскиот процес за пожарот во Кочани се одржа во четврток. Родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска побараа да се проверат наводите дека еден од обвинетите, кој се наоѓа во притвор во затворот во Скопје, преку телефон вршел притисок врз сведоци на Обвинителството.

Барањето го изнесоа пред почетокот на денешното судско рочиште во Идризово.

„Имаме сознанија дека лицето Ј.Ј. кој се наоѓа на одржување мерка притвор во затворот во Скопје му дава на користење на лицето Тодор Јованов, брат на монструмот, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на Обвинителството. Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон“, рече Јулија Златкова, мајка на дете загинато во пожарот.

На рочиштето беа сослушани четворица сведоци предложени од Обвинителството – двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот и двајца сведоци кои кобната ноќ биле присутни во дискотеката.

Пожарникарите изјавија дека дојавата за пожар ја добиле во 2:35 часот, а интервенцијата траела до околу 4 часот. Двајцата повредени гости опишаа дека пожарот избувнал ненадејно, по што настанала голема гужва и стампедо на излезот, при што се здобиле со телесни повреди.

И денеска дел од адвокатите повторно бараа да биде повлечено обвинението за дел од обвинетите бидејќи, како што рекоа тие не се директно поврзани со пожарот, ниту пак биле присутни во моментот кога се случила трагедијата. Продолжението е закажано за 19 февруари, кога се повикани уште пет сведоци.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *