
Долгогодишниот сообраќаен хаос во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ конечно ќе биде решен. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска најави официјален почеток на процесот за изградба на две монтажни катни гаражи, проект кој ќе обезбеди дополнителни 500 паркинг места за вработените и граѓаните.
Одлуката е донесена по денешниот координациски состанок помеѓу градоначалникот Ѓорѓиевски, министерот за здравство Азир Алиу и стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје. На средбата била утврдена динамиката и моделот по кој ќе се реализира овој инфраструктурен зафат.
Изградбата на овие монтажни објекти има за цел да обезбеди крај на метежот во и околу најголемиот здравствен комплекс во државата. Ќе биде овозможено непречено движење на амбулантните возила, што е од витално значење за пациентите. Надлежните најавуваат подобра организација на сообраќајот според современи урбанистички норми.
„Ова е конкретно и функционално решение кое директно ќе го олесни секојдневието на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава. Со ова ставаме крај на долгогодишниот хаос“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.