
Во врска со физичкиот напад врз лекар и медицинска сестра во здравствената установа „Јане Сандански“ во општина Аеродром, еден од двајцата осомничени, 41-годишен жител на Скопје, е задржан во притвор.
Според информации од полицијата, Ј.К. бил лишен од слобода на 21 ноември во 19:15 часот. Тој и неговиот 62-годишен татко, С.К., претходно, околу 17:30 часот, физички ги нападнале двајцата здравствени работници по едно недоразбирање.
Според неофицијални информации за инцидентот, таткото и синот пристигнале со постар пациент кој боледува од рак, а кој наводно испил антифриз со намера да си го одземе животот.
Тие побарале пациентот итно да биде префрлен во Клиничкиот центар, но лекарот и медицинската сестра процениле дека нема потреба од таков транспорт и дека пациентот може да биде превезен со автомобил. По несогласувањето, настанала расправија, по што следел физички напад.