
ВМРО-ДПМНЕ продолжи да упатува остри обвинувања кон претходната влада, предводена од СДСМ и ДУИ, во врска со случајот „Алта банка“. Од ВМРО во саботата изјавија дека се расплетува замрсената мрежа околу „Алта банка“, како и причините поради кои тогашниот министер за финансии, Фатмир Бесими, ја ставил на владина седница точката за деловните односи со оваа банка.
„Според јавно објавените информации, компанија во која е вклучена фирмата ’АС Сењак‘ – поврзана со роднина на Али Ахмети – добила кредит од пет милиони евра, и тоа токму од ’Алта банка‘ во Белград“, наведоа од владејачката партија.
И коалицијата ВЛЕН упати остри критики кон ДУИ по истото прашање. Сепак, роднината на Ахмети, Селаудин Арифи, негираше дека имал какво било влијание врз влезот на српската „Алта банка“ во Северна Македонија и најави тужби за клевета. Од друга страна, од СДСМ изјавија дека премиерот Мицкоски е во целосна паника во врска со „Алта банка“.