
Во вторникот, претседателката Силјановска Давкова присуствуваше на отворањето на 9-тото издание на Парискиот мировен форум, што се одржа под насловот „Здружување на силите за она што е најважно“.
Осврнувајќи се на почетокот на настанот, кој беше посветен на децата и нивните пораки за мир, претседателката истакна дека нивните желби треба да послужат како потсетник за одговорноста што ја носат возрасните кон иднината на човештвото. Како дел од Форумот, Силјановска Давкова учествуваше на панел-дискусијата „Одржување на линијата: Суверенитет во време на хибридни закани“, каде што зборуваше за патот на земјата кон ЕУ.
„Ако сме корисни, ако сме кредибилни, ако толку многу пати сме биле пофалени како одличен кандидат, тогаш имаме право и да го завршиме нашиот пат кон Брисел. И тогаш нема да кажам дека нашиот маратон кон Брисел наликува на ’Чекајќи го Годо‘“, нагласи таа.