
Во вторникот, во рамките на својата работна посета на Литванија, министерот за надворешни работи Муцунски оствари билатерална средба со својот литвански колега Будрис и официјално ја отвори првата резидентна амбасада на Северна Македонија во Вилнус.
Средбата меѓу двајцата министри беше фокусирана на натамошно унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, агендата за европска интеграција, тековните безбедносни предизвици, како и соработката во рамките на евроатлантската алијанса. Посебно внимание беше посветено на европските интеграции, надминувањето на пречките и интензивирањето на процесот на пристапување.
Според Муцунски, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе создаде дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување меѓу двете земји.