
Драган Петровски, познат како „Штука“, наводно е уапсен во голема полициска операција спроведена во Куманово. Операцијата започна со претреси на повеќе локации, при што полициските специјални сили и истражителите трагаа по докази поврзани со група за која постои сомневање дека подолго време дејствувала во Куманово и околината.
Според неофицијални информации објавени од порталот „Скопје1“, групата се поврзува со изнуда, лихварство и перење пари. Истражителите се сомневаат дека членовите на групата користеле закани, насилство и уцени за да се стекнат со незаконска материјална корист. Петровски, наводно, се сомничи дека е организатор на групата.
Покрај „Штука“, во криминалната група членуваат и Зоран Ристиќ, Марко Крстевски, Ласте Крстевски и Даниел Живачки, сите од Куманово, пренесе „Плусинфо“.
За време на полициската операција, извршени се претреси и во простории поврзани со нотарска канцеларија и менувачница, поради сомневања за нивна можна поврзаност со спорните финансиски активности. Според неофицијални информации, при претресите биле одземени пари во готовина, возила и документација релевантна за истрагата.