
Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се наведува дека не се преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени, споменати во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Во документот, исто така, се истакнува дека добрососедските односи со Бугарија се од суштинско значење и дека е потребен дијалог со Софија. Според Извештајот, Заедничката комисија за историски прашања одржува состаноци, но без конкретни резултати.
Во документот се наведува и дека, во одредени случаи, не се користи новото уставно име на државата, што може да ги наруши односите со Грција.
Во текстот се забележуваат позитивни случувања во однос на засилените напори на земјата за исполнување на барањата од Реформската агенда. Во правосудството е забележан одреден напредок, за разлика од борбата против корупцијата. Истовремено, политичката поларизација го кочи усвојувањето на клучните реформски закони.
„Северна Македонија е меѓу земјите со најголема подготвеност, иако преговорите за пристапување се сè уште ’закочени‘“, изјави во средата еврокомесарката за проширување, Кос.