
Северна Македонија бара излез од европскиот ќор-сокак преку засилен дипломатски ангажман со Брисел и земјите-членки на ЕУ, но засега нема гаранции дека ќе се најде решение за спорот со Бугарија и блокадата на процесот на европска интеграција.
Министерот за надворешни работи Муцунски уверува дека неколку европски партнери се подготвени да помогнат во изнаоѓањето прифатливо решение, но предупредува дека неговата земја нема да прифати компромис што само привремено ќе ја одблокира државата, а истовремено ќе отвори врата за нови условувања на долг рок.
Силна поддршка за европскиот пат на Северна Македонија пристигна и од Словачка. Словачкиот министер за надворешни работи, Јурај Бланар, кој во четвртокот престојуваше во официјална посета на Скопје, каде што се сретна со Муцунски, изјави дека во процесот на проширување нема место за двојни стандарди.