
На продолжението на својата 33-та седница, Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно усвои измени на Правилникот за критериумите за утврдување на привремена спреченост за работа.
Лекарот од примарната здравствена заштита и понатаму ќе има овластување да утврдува боледување во траење до 15 дена, додека за периоди подолги од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот. Од Фондот појаснуваат дека поместувањето на временскиот интервал од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден, туку дека по тој рок, доколку е потребно продолжување, се применуваат медицинските критериуми специфични за дадената дијагноза.
Измените, меѓу другото, воведуваат и неколку процедурални поедноставувања за осигурениците и лекарите од примарната здравствена заштита, како и за трудниците и доилките во однос на радиодијагностичките прегледи што вклучуваат јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е потврдена со извештај од специјалист.
Од Фондот објаснуваат дека измените се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на критериумите, од кои значителен дел датираат уште од 2012 година.