
Врховниот суд го образложи своето решение за укинување на пресудата во случајот „Ласкарци“, кој се однесува на автобуската несреќа од 2019 година во која загинаа 16 лица, а 30 беа повредени.
Судот појасни дека Апелациониот суд пропуштил да спроведе постапки за супервештачење во врска со здравствената состојба на возачот Мануел Трифуновски, а исто така не посветил доволно внимание на причинско-последичната врска помеѓу дејствијата на осудените лица и сообраќајната несреќа.
„Ваквиот заклучок на овој Суд произлегува од спроведените вештачења и супервештачењето, кои како причина за сообраќајната несреќа го посочуваат пропустот на осудениот М.Т., при што се констатира и незадоволителната техничка состојба на автобусот, но без да се прецизира во која мера тој дефект придонел и како влијаел врз настанувањето на предметната несреќа. Ова е особено значајно со оглед на тоа што вештачењата покажуваат дека немало траги од кочење“, се наведува во образложението на Врховниот суд.