
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против осомничениот во случајот поврзан со нападот со подметнување пожар врз возила на бугарската амбасада, извршен на 15 јуни. Лицето се товари за предизвикување значителна опасност по животот и телото на лица кои уживаат меѓународна правна заштита, преку подметнување пожар пред бугарската амбасада.
Според дејствијата опишани во обвинителниот акт, обвинетиот претходно наполнил пластично шише со бензин на бензинска пумпа во непосредна близина на амбасадата и се упатил кон објектот.
Откако се приближил до паркираните возила што ги користеле бугарскиот воен аташе и други вработени во амбасадата, тој ги полил со бензин и ги запалил, по што веднаш побегнал од местото на настанот.