
Лидерот на СДСМ, Филипче, одговори на прашање од Канал 5 каде го поминува летниот одмор.
„Оваа година немав многу време за одмор. Додека премиерот е на екскурзија, решив да го посетам Ново Село, каде што беа нападнати младите. Следната недела планирам да одам и во Гостивар, да видам како се луѓето. Последниот пат кога бев таму, ситуацијата беше многу лоша. Владата испрати само три цистерни со вода за целиот град. Во меѓувреме, ќе се обидам да поминам неколку дена со моето семејство, а потоа ме чека работа во болницата“, рече тој.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации од информатори, соопшти дека Филипче бил забележан на преминот Богородица, а потоа отишол кај „неговиот ментор“, поранешниот премиер Заев, во Паљури, Грција.
Како што оцени владејачката партија, додека Филипче и Заев уживаат на луксузни јахти во Егејското Море, „најнискиот слој од талогот на СДС“ е под инструкции да шири страв, хистерија и паника меѓу граѓаните во врска со водата за пиење. Двете партии продолжија да разменуваат обвинувања и во врска со патот кон ЕУ.