
“Предавство на штета на државата нема да направам по ниедна цена”, изјави премиерот Мицкоски со празнична порака од Пелинце.
Владата нема да ги следи стапките на претходниот кабинет и нема да се прават компромиси во однос на националните интереси, додаде тој. Како што оцени и премиерот, татковината денес не е државата за која сонуваа илинденските револуционери и луѓето од АСНОМ. Затоа, додаде Мицкоски, „нашата битка е да ја вратиме просперитетна Македонија“.
Истиот ден, лидерот на СДСМ, Филипче, одржа обраќање во Крушево, каде што изјави дека борбата е за достоинствен живот, правда, владеење на правото и европска иднина за земјата.
„Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако служи за градење подобра иднина. Затоа се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија со чиста вода, пристојни плати и перспектива за младите луѓе. За Македонија што е дел од европското семејство – слободна, демократска и просперитетна“, рече тој.