
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство извршија 70 вонредни инспекции на оператори со храна во гостиварскиот регион. Не се утврдени прекршоци поврзани со користењето на водата. Сепак, регистрирани се низа други неправилности.
Пет оператори не ги спроведоа задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, додека кај 18 оператори беа утврдени пропусти во задолжителните здравствени прегледи на своите вработени. Дополнително, 11 правни лица работеле без да бидат регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
Инспекторите открија и двајца оператори кои пласирале небезбедна храна на пазарот. Запленети се и уништени 18 килограми производи, вклучувајќи јогурт, сечкана салама и путер.