
И покрај дипломатскиот инцидент поврзан со дипломатската нота за семејството на премиерот Мицкоски, министерот за надворешни работи Муцунски смета дека дијалогот со Бугарија добил зголемен интензитет, имајќи ги предвид неколкуте средби (Муцунски-Петрова Чамова, Силјановска Давкова-Јотова и Гаши-Доцова) одржани во текот на изминатиот месец.
„Очигледно е дека имаме различни ставови и толкувања во врска со прашањето за европската интеграција и што подразбираат нашите европски обврски, и треба да се најде соодветен механизам за решавање на овој проблем“, рече Муцунски во среда.
Истиот ден, во врска со прашањето за нотата, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека не дистрибуирало никаква дипломатска нота или друга официјална кореспонденција поврзана со посетата на Бугарија од членови на семејство на официјални претставници на друга земја.