
Сексуалната злоупотреба на деца останува сериозен и континуиран проблем во Македонија, покажуваат најновите анализи, на Народниот правобранител.
Во периодот 2020–2024 година се евидентирани 508 случаи, а само во 2025 година уште 96, со што вкупниот број достигнува 604 жртви. И покрај постоењето на законска рамка, системот сè уште не обезбедува доволно ефикасна и навремена заштита за децата. Најранлива категорија се децата на возраст од 11 до 15 години, кои сочинуваат над 57% од жртвите.
Девојчињата се значително почесто погодени – дури 90% од случаите, додека кај момчињата бројот е значително помал, но се смета дека е недоволно пријавен поради стигма и стереотипи.
Дополнително, податоците покажуваат дека ромските деца се особено ранлива група, што укажува на поврзаност со сиромаштија и ограничен пристап до институционална заштита.
Анализата укажува и на сериозни слабости во системот, вклучително и повторно сослушување на децата, што доведува до дополнителна траума. Експертите препорачуваат системски промени: еднократно сослушување на жртвите, создавање детски прилагодени простории, континуирана обука на професионалци и воведување на интегрирани модели за поддршка.