
По вчерашните претреси на различни локации во повеќе градови во Македонија, обвинителството денеска отвори истрага за производство и дистрибуција на детска порнографија против еден битолчанец, вработен во основно училиште. Судот му одреди притвор.
„Осомничениот 31-годишник, кој бил инаку вработен во образовна установа, во периодот од април 2024 година до 01.04.2026 година на компјутерските уреди и опрема кои ги користел дома, набавувал за себе и поседувал материјали со детска порнографија“, соопшти обвинителството.
Опозицискиот СДСМ веќе објави дека осомничениот има фотографии со премиерот Христијан Мицкоски и со сертификати од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и праша какво друштво има Мицкоски.
Претресите се спроведени по известување од австралиската федерална полиција која открила веб страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа кои содржат материјали од злоупотреба на деца. Австралиските служби откриле ИП адреси на корисници кои се обиделе да пристапат до веб-страниците. Дел од тие адреси биле од Македонија за што ги известиле македонските надлежни органи.