
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска испрати смирувачки пораки до граѓаните во однос на енергетската криза и цените на дериватите. Тој истакна дека државата рефлектира стабилност во време на големи глобални превирања и дека во моментов не се предвидува воведување на кризна состојба ниту покачување на цената на електричната енергија.
Мицкоски потенцираше дека Македонија е единствената земја во поширокото опкружување која во изминатиот период забележа намалување на цените на бензините.
Во делот на електроенергетскиот систем, премиерот информираше дека државните капацитети работат стабилно, а хидропотенцијалот е на завидно ниво, што овозможува и извоз на вишоци енергија. Иако признава дека глобалните фактори се непредвидливи, премиерот уверува дека Владата будно ја следи состојбата на светските берзи и дека е подготвена за вонредни седници доколку има нагли промени на цената на суровата нафта.