
Главната уредничка на МТВ2, Мерита Гаши, не го коментираше случајот со изведбата на песна „Албански територии“ од страна на 13-годишно девојче, кое носеше маица со таканаречена карта на Голема Албанија.
Таа за Канал 5 вели дека е на боледување подолго време и не би можела да даде одговор, наведувајќи здравствени причини. Телевизијата неофицијално дознава дека ќе биде должна да објасни прашања поврзани со содржината на фестивалот на состанокот на Програмскиот совет во среда.
Агенцијата за медиуми подготвува анализа за да утврди дали е прекршен законот за Агенцијата, додека првиот човек на јавниот сервис, Маријан Цветковски, истакнува дека нема надлежности во уредничките одлуки, велејќи дека тие се независни.