
Едноставно не е вистина. Вака британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, демантираше дека постои договор меѓу Северна Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари. Тој во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ 24 рече дека идејата британската влада да направи нешто што на македонската влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина и неколкупати потенцира оти таков договор не постои.
Веднаш по ваквиот настап на амбасадорот Лосон, со објава на Фејсбук се огласи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека како меур од сапуница се распрснала, како што напиша, лагата на СДСМ за „мигранти за пари“.
Сепак, ставот на СДСМ е дека ВМРО-ДМПНЕ се обидува да се извлече од ситуацијата.
“Одамна е познато дека тактиката „мигранти за пари“ се спроведува преку „економски работници“”, забележа партијата, наведувајќи дека има докази за тоа во Велика Британија.