
Кривичниот суд определи краткотраен притвор од 48 часа за двајца осомничени за случајот со 5-те тони марихуана запленета во Србија.
Како што велат од Обвинителството, од преземените дејствија и докази постојат основи на сомневање дека лицата се инволвирани во случајот, а барањето за притвор е со цел да се обезбеди нивно присуство, додека јавниот обвинител ги презема неопходните процесни дејствија и додека се донесе одлука за натамошно постапување.
Во вакви случаи, особено кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Истиот ден, премиерот Мицкоски повика на трпение, велејќи дека Министерството за внатрешни работи ќе даде информации кога ќе дојде време за тоа. Тој исто така рече дека се отвораат нови аспекти, вклучително и во однос на бројот на вклучени лица.