
Ревизорските извештаи во собранието треба да се разгледуваат активно, а не само да се констатираат, укажа шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје. Само така, вели, може да се дојде до промена и надминување на повторувачките слабости. Предлага и поефикасен систем за контрола дали институциите ги спроведуваат препораките.
Главниот државен ревизор рече дека граѓаните кои плаќаат даноци имаат право да бидат сигурни дека секој денар е искористен на најдобар можен начин, а одговорноста да им го обезбеди тоа ја има токму заводот. Но и нивниот труд треба да биде соодветно вреднуван, оттаму и очекува наскоро да биде донесен новиот Закон за државна ревизија.
Пратениците и од власта и од опозицијата се задоволни од работата на заводот. Се предлага и нов механизам за разгледување на извештаите од страна на пратениците.
„Пристапот кон извештаите треба да биде објективен, непристрасен, со високо ниво на стручност. Ние ја имаме среќата што токму такви се извештаите на Државниот завод за ревизија“, рече Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет.
Претседателот на Комисија за економски прашања, Бојан Стојановски, пак, смета дека е потребен механизам со кој нема да се разгледуваат само годишните извештаи, туку и да се поделат на групи или теми кои ќе се разгледуваат поединечно. Собранискиот претседател смета дека за да се зголеми ефикасноста е потребна подобра институционална соработка.