
Докторите Уголино Ливи, Никола Лакиќ и Черчек Миха, се членовите на странската комисија која ќе ги истражува наводите за непотребно извршени кардиолошки и кардиохируршки операции. Од Министерството за здравство објаснија дека станува збор за реномирани лекари со меѓународни кариери, кои ќе треба да утврдат дали имало медицинска оправданост за извршените зафати.
„Д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, кој има стекнато богато професионално искуство во областа на трансплантација на срце. Исто така, како експерт е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија во оваа област.
Д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, со повеќегодишно работно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар Љубљана.
Д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија, со долгогодишно искуство на одделот за кардиологија. Овој експерт, исто така, има стекнато титула доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана“, соопштија од Министерство за здравство.
Во известувањето од Министерството за здравство нема коментар за оставката на кардиологот Сашко Кедев од домашната комисија.