
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека неговата партија нема намера да прави политички договори со власта, нагласувајќи дека единствениот договор што СДСМ го признава е оној со граѓаните. Изјавата ја даде на прес-конференција, одржана по лидерската средба на која СДСМ одлучи да не учествува.
„СДСМ е спремна за избори, годинава, следната, па и во редовни избори. Јас сум сигурен, а со оглед на тоа што се случува, дека избори предвремени ќе има. Дали годинава, пролет, есен, на крајот од годината“, рече Филипче.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во коалиција.
„Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е да ја вратиме власта кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нека се договараат меѓу себе“, рече Филипче, образложувајќи ја одлуката на партијата да не биде дел од средбата свикана од премиерот.