
Властите во Република Српска го одбележаа 9 јануари како „Ден на РС“, и покрај двете пресуди на Уставниот суд на Босна и Херцеговина со кои датумот беше прогласен за неуставен и дискриминаторски кон Бошњаците и Хрватите во земјата.
На прославата присуствуваше и македонскиот вицепремиер Иван Стоилковиќ, министер за односи меѓу заедниците, кој на социјалните мрежи се пофали: „Разговаравме кој најмногу пати присуствувал на прославите на Денот на Република Српска. Без да се фалам, јас сум убедливо на прво место, а веднаш по мене е Никола Селаковиќ (српски министер за култура), и да бидам искрен, дури и не се сеќавам кога последен пат бев отсутен“.
Меѓу официјалните гости што ја следеа поворката беа членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, премиерот на Република Српска, Саво Минич, заедно со министрите, вршителката на должноста претседателка на Република Српска, Ана Тришиќ-Бабиќ, претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ и голем број пратеници.
На подиумот се појави и поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, заедно со Род Благојевиќ, поранешниот гувернер на американската држава Илиноис, осуден за корупција и помилуван од Трамп во февруари 2025 година.
Во март минатата година, Благојевиќ потпиша договор за лобирање во корист на властите во Република Српска. За разлика од претходните години, овој пат рускиот амбасадор во БиХ, Игор Калабухов, не беше присутен на сцената.
На настанот учествуваа и членови на локалниот огранок на руската мотоциклистичка група „Ноќни волци“, позната по својата отворена поддршка за Кремљ.